Некогашниот руски заменик министер за финансии, Сергеј Алексашенко ќе порача „многу е тешко да се живее без руски ресурси, едноставно нема замена“. Истото ова го потврдуваат и бројките од пред војната според кои две третини од рускиот извоз се нафта, гас и клучни метали и минерали критични за функционирање на глобалната индустрија и фабрики.
Јаловоста на санкциите е главно затоа што земјите што ги воведуваат се директно зависни од производите кои и сред војна и носат најмногу приходи на Русија - нафта, гас и јаглен, и не можат, ниту сакаат сериозно да удрат на нив, плус тоа се производи за кои секогаш ќе има купувач во светот.
Уште на почетокот од војната со свој пример предводеа САД, кои веднаш престанаа со купување на руска нафта, додека Британија најави дека истото ќе го направи до крајот на годината. Иако значителен гест, нивните одлуки и не менуваат нешто бидејќи тие никогаш не биле големи потрошувачи на руски енергенси.
Ситуацијата е многу поразлична со Европа, која иако скрати од трошењето руски енергенси колку можеше пак е еден од најголемите муштерии на руската енергетска индустрија.
Њујорк тајмс прави анализа за разликата во трговијата (парите) на земјите низ светот со Русија, по почетокот на војната.
Весникот пишува дека извозот на енергенси останува главен извор на финансии за руската влада. Пример, Газпром за првата половина од годинава објави дека има рекорден профит, и покрај намалената испорака на енергенси во Европа.
ММФ константно ги ревидира своите предвидувања за руската економија и признава дека таа помалку се има намалено отколку што тие предвиделе. Во април, ММФ предвиде дека руската економија ќе се намали за 8,5%, па во јули се поправи и објави дека тоа сепак ќе биде 6%, за во октомври да излезе со намалување од 3,4%. Повторно, објаснувањето за ова е високата цена на нафтата и гасот.
Тоа што ЕУ од декември ќе почне да се откажува од руска нафта и нафтени производи, веројатно ќе и падне потешко на самата Унија, отколку на Русија, која се очекува дека сепак ќе најде каде да ги вдоми танкерските пратки нафта низ светските пазари.
Алтернативата на ЕУ најверојатно ќе биде продавање во Кина и Индија, а како резултат на ова државите што до сега им продаваа на Кина и Индија својата нафта ќе ја пренасочат кон ЕУ. Ова во пракса ќе доведе само до замена на снабдувачите, при што руската нафта ќе биде само препратена на друго пристаниште.
За сега лагодноста и успесите на Русија главно зависат од паничното качување на цените на енергенсите, кои и овозможуваат на земјата да ги разрушува рекордите за приходи иако количински има помал извоз од претходно.
Слабоста на Русија, повторно на хартија, е што на долг рок, нејзиниот најдобар плаќач за гас, ЕУ, би можел да направи драстични промени кои со децении ги избегнува (изградба на нови гасоводи, инвестирање во обновливи извори), и да ја покрие својата потрошувачка без да зависи од Русија. Ова од една страна ќе значи паѓање на побарувачката а со тоа и цената на гасот, а од друга страна дека Русија ќе треба да вложи нови пари и десетици години за изградба на нови гасоводи до новите муштерии.
Освен енергијата, Русија и покрај санкциите продолжува да е водечки извозник на други клучни суровини од азбест и нуклеарни реактори до ѓубриво и пченица. Речиси целосна меѓународна автомобилска индустрија зависи од Русија за снабдување со паладиум и родиум кои се користат за производство на катализатори. Француските нуклеарни централи зависат од руски ураниум, а Белгија ја игра клучната улога во трговијата со руски дијаманти.
Надежта на Њујорк тајмс е дека иако за сега и оди добро на Русија, веќе следната година парите ќе почне да ги снемува, дел затоа што Европа се префрлила на нови извори на енергија, дел затоа што санкциите сериозно и наштетиле на руската економија, која константно има потреба од високотехнолошки продукти кои самата не ги произведува.