На Газа само уште ова зло ѝ фалеше

По двегодишната непрекината канонада, блокада и масовно изгладнување, Палестинците во Газа се соочени со ново зло. Заразни болести отпорни на антибиотици брзо се шират меѓу 2,3 милиони неухранети луѓе оставени во урнатини и купишта ѓубре, без санитарен систем и пристап до чиста вода. Исцрпените лекари во преполните болници немаат ни каде ни со што да ги лекуваат болните.

Супербактерии отпорни на антибиотици загрижувачки лесно се шират низ неухранетото население во Газа, кое нема пристап ни до основен здравствен систем, се предупредува во првата студија за ризик од зарази. Заканата од бактерии отпорни на лекови ќе ескалира ако продолжи израелската офанзива и намерното таргетирање на болниците, лабораториите и постројките за десалинизација на вода.

Ова ќе значи подолги и посериозни болести и висок ризик од пренесување. Тоа значи зголемен ризик од смрт од многу чести инфекции. Тоа значи повеќе ампутации. Тоа е ужасна слика, предупредува Кристел Мусали, советничка за епидемиологија на организацијата Лекари без граници.

Наодите објавени во вторникот во „Лансет инфективни болести“, се првите од почетокот на конфликтот во октомври 2023 година што укажуваат на преваленца на бактерии отпорни на повеќе лекови во Газа.

Студијата е базирана на повеќе од 1.300 примероци од болницата Ал-Ахли, каде што е една од ретките микробиолошки лаборатории што сè уште функционираат во Газа. Две третини од примероците земени од пациенти во период од 10 месеци минатата година покажале присуство на бактерии отпорни на повеќе лекови. Билал Ирфан, еден од авторите на студијата, ги опиша резултатите како „особено алармантни“.

Ние дури и не го знаеме вистинскиот обем поради уништувањето на речиси сите лаборатории и убивањето на голем дел од медицинскиот персонал. Важно е да се има макар и мал увид во тоа што се случува во Газа, вели Ирфан, истражувачки биоетичар на Харвард и Универзитетот во Мичиген.

Болниците што не биле уништени од израелските напади се преполни со ранети луѓе. Лекарите и болничарите се исцрпени и немаат доволно време за болните луѓе. Медицинските материјали се очајно оскудни. Во исто време илјадници луѓе гладуваат или се неухранети. Во такви услови не само што полесно се шират бактериите отпорни на лекови, туку и многу потешко се третираат болните. Проблемот е влошен од масовното загадување на изворите на вода и отсуството на програмите за имунизација поради војната. 

Експертите објаснуваат дека и пред оваа војна Газа со децении била изложена на високо ниво на бактерии отпорни на лекови, како последица на постојаните конфликти и особено по израелската блокада по 2007 година, кога Хамас ја презеде власта.

Светската здравствена организација го повика Израел да ѝ дозволи да испрати медицински материјали во Газа за да може да се справи со „катастрофалната“ здравствена состојба. Рик Пиперкорн, претставник на СЗО на палестинските територии, изјави во Ерусалим дека на Газа ѝ останале половина од лековите што ѝ се потребни. СЗО не успеала да достави доволно залихи поради сложените процедури и забраната за внесување одредени лекови. Тој истакна дека во делумна функција се само 50% од болниците и 38% од центрите за примарна здравствена заштита. Во болницата Ал Шифа бројот на пациенти е 2,4 пати поголем од капацитетот, а во Ал Ахли 3 пати. 

Израелското Министерство за одбрана објави дека повеќе од 45.000 тони медицинска опрема е префрлена во Газа од почетокот на војната. Меѓународни организации поставиле 13 целосно опремени теренски болници.

Израел ќе продолжи да дозволува влез на медицинска опрема и лекови во Појасот Газа во согласност со меѓународното право и во координација со меѓународната заедница, преземајќи ги сите можни мерки за да ја спречи терористичката организација Хамас да ја злоупотреби помошта за терористички и воени цели, објави Министерството.

13 август 2025 - 10:23