Како просечниот Амер го виде „изживувањето“ во Овалната соба?

Добар дел од американските корпоративни медиуми оценија дека со кавгата со Зеленски, Трамп се посрамил и себе си и целата земја. Новинари, колумнисти, експерти за меѓународна политика фрлаат дрвја и камења по Трамп, обвинувајќи го за манипулирање, понижување, карање и изживување врз послабиот сојузник.

Фото: ЕПА

Не е прв пат американската елита поинаку да ги гледа работите од обичниот човек.

Повеќето Американци во кавгата виделе како претседателот ги брани злоупотребените луѓе што плаќаат даноци од меѓународен грабеж што не трае само во изминатите три години.

Анкета на Wick Insights спроведена помеѓу 1.000 регистрирани гласачи, пола републиканци пола демократи, покажува дека само една третина не го одобрува однесувањето на Трамп. Една половина сметаат дека Трамп и Венс имале посилни аргументи од Зеленски. Две третини се убедени дека САД имаат најголема преговарачка моќ за да го решат конфликтот, а 78% сакаат војната во Украина да заврши со преговори. 

За да заврши војната, крвопролевањето и финансирањето војна што нема ништо со просперитетот и безбедноста на американските даночни обврзници, Трамп настојува да ги неутрализира двете закани - експанзијата на НАТО за Москва и онаа од Русија за Украина. Невозможно е да се преговара за членство на Украина во НАТО, бидејќи рускиот претседател Владимир Путин тоа го наведе како причина за инвазијата. 

Трамп повеќе пати истакна дека се згрозува од рововската војна во која загинаа повеќе од милион млади луѓе. За него одбивањето да се потпише договор претставува злоупотреба на американската дарежливост, продолжување на судирот помеѓу две суперсили - САД и Русија - кои повеќе не сакаат да бидат во војна. 

Зеленски бара безбедносни гаранции и два пати го одби економското партнерство кое Трамп го смета за решение. И кога Трамп сфати дека нивните ставови се до темел спротивни, се погрижи целиот свет да го види тоа, преку онаа сцена во Овалната соба. 

„Трамп не се изживуваше врз послаб сојузник, тој стоеше во одбрана на американските даночни обврзници и бараше крај на крвопролевањето. Верува во фундаменталната демократска идеја дека кога 78% од Американците сакаат нешто, тоа треба да биде сериозно земено предвид. За жал, коментаторската класа сега и на тоа гледа како на позиција на Путин“, пишува Free press.

3 март 2025 - 08:43