Како природата нè рестартира

Луѓето кои се изложени на природа не само што се посреќни и покомфорни, туку тоа позитивно ја менува и самата срж на нивната психа.

Од 1972-ра до 1981-ва, истражувачите собираат податоци за пациенти кои правеле операција на жолчен меур во една мала болница во Пенсилванија. Сите пациенти ја минале истата процедура, сите ги добиваат истите лекови, сите се на отприлика иста возраст, меѓутоа едни пациенти закрепнуваат побрзо и полесно од другите. После анализирање на сè можно, истражувачите ја откриваат разликата - пациентите кои се во соби со поглед на дрва побрзо закрепнуваат, отколку оние кои се во соби со поглед на цигли и бетон.

Во друго истражување, родителите на хиперактивни деца требало да следат како нивните деца се однесуваат во најразлични игри. Единствената разлика била забележана кај зелените активности (риболов, фудбал...), во кои децата биле далеку по релаксирани и фокусирани.

Иако архитектурата има своја убавина, сепак без разлика колку е таа грандиозна, природата секогаш има посилно закрепнувачко влијание на човекот. Причината за ова е што природата има уникатна констелација на карактеристики, со кои не може да се спореди околината создадена од човек.

Пред почетокот на 20-от век, психологот Вилијам Џејмс, објаснува дека има две форми на човечко внимание. Првото е насочено внимание, кое ни овозможува да се фокусираме на задачи како возење, пишување или читање книга. Втората форма е ненамерно внимание, кое доаѓа само по себе и не бара никаков труд.

"Чудни работи, работи што се движат, диви животни, светли работи, убави работи, зборови, удар, крв, итн. итн. итн, сите овие ненамерно го привлекуваат нашето внимание," објаснува психологот.

Природата го обновува менталното функционирање на ист начин на кој храната и водата го обновуваат телото. Како што физичкиот умор го истоштува телото, така и секојдневниот живот (сообраќај, работа, комуникација со непознати, кавги, проблеми) го истоштуваат човекот психички, и природата сето ова може да го врати.

Ова тврдење се базира на Теоријата за обновување на вниманието, според која урбаната околина нè истоштува бидејќи нè присилува да го насочиме нашето внимание кон специфични задачи (избегнување на сообраќај, снаоѓање во гужва) и динамично го зграпчува нашето внимание, терајќи нè цело време да гледаме наоколу (излози, луѓе). За разлика од ова шумите, потоците, езерата, бараат многу малку од нас, иако нè држат ангажирани, постојано се менуваат и го привлекуваат нашето внимание. Разликата меѓу двете е како управуваат со нашето внимание. Додека урбаната околина нè бомбардира со најразлични стимулации, природата нè остава колку сакаме да размислиме и ни дава шанса да ги наполниме нашите испразнети ментални ресурси.

30 март 2013 - 18:10