До ноември 2028 година Барселона ќе укине лиценци за точно 10.101 стан што моментално имаат дозвола за краткорочни изнајмувања.
„Се соочуваме со она што веруваме дека е најголемиот проблем на Барселона“, рече градоначалникот Хауме Колбони најавувајќи дека доколку не искрснат непланирани пречки, од 2029 година туристички станови какви што има денес ќе исчезнат од градот Барселона.
Бумот на краткорочните рентања станови и апартмани во Барселона, најпосетуваниот шпански град од странски туристи, доведе до тоа некои жители да не можат да си дозволат стан откако кириите се зголемија за 68 отсто во изминатите 10 години, а купувањето поскапе за 38 отсто.
Пристапот до домување стана двигател на нееднаквоста, особено меѓу младите луѓе, предупредува градоначалникот. Државите уживаат во економските придобивки од туризмот – Шпанија е рангирана меѓу првите три најпосетувани земји во светот – но поради лошите нуспојави на растот на таа индустрија, туризмот станува сè пожешка тема низ Европа.
Локални власти најавуваа ограничувања за изнајмувања на станови на Канарските острови, Лисабон и Берлин.