Законот кој во Грција се води под бројот 5053/2023 требаше да стапи на сила на први март, но поради калкулациите што тој би значел за изборите за Европскиот парламент, владата на Киријакос Мицотакис го одложи неговото стапување во сила за почетокот на јули.
Тоа е закон кој тешко може да им се допадне на вработените:
„Законот 5053/2023 дефинитивно става крај на принципот на петдневната работна недела“, вели Арис Казакос, пензиониран професор по трудово право од Солун бидејќи законот го овластува работодавачот едноставно да му наложи на својот вработен да работи уште еден ден во неделата, со обврска да му плати додаток во висина од 40% од дневницата.
Работникот нема право да одбие да работи подолго.
И без овој закон, вработените во Грција се изложени на самоволие на работодавачите: теоретски имаат 40 работни часови неделно, но газдата може да му нареди да работи прекувремено најмногу два часа дневно во „ограничен период “ и тоа без плата, само со обврска да се „надополнат“ тие часови со слободно време и одмор.
Дали тоа навистина се прави треба да го надгледуваат специјални трудови инспектори кои Грција хронично ги има премалку а конзервативната влада не се ни обидува да ја подобри нивната позиција.
Дојче веле пишува дека во грчкиот сектор на туризам и угостителство уште од лани нема ништо од петдневна работна недела а тоа е само почеток: колективните договори полека ја губат силата и работодавецот склопува индивидуален договор со вработениот и обично во него го пишува она што нему му одговара.
Грците масовно ги заобиколуваат работните места во туризмот бидејќи таму условите се најбрутални па се вработуваат сезонци од странство кои го работат секој ден во неделата а некогаш се сместени и по десетмина во една просторија.