И Трамп знае да почасти странци

Познат по својата тврда анти-имиграциска политика и реторика, поранешниот американски претстедател извади од ракав за многумина неочекувана понуда за младите странци кои студираат таму. Трамп вели дека сите млади од странство кои ќе завршат на американски факултет, автоматски треба да добијат зелена карта, односно дозвола за работа.  

Ова нема да му донесе директни гласови на Трамп на ноемвриските избори бидејќи оние на кои се однесува понудата немаат право на глас, но ваквиот потег наиде на одобрување на оние работодавци кои кубурат со високообразован и амбициозен кадар.

Можните негативни реакции од ксенофобниот дел од гласачката база на Трамп се пресретнаа со ветувања дека сите одлуки за давање зелена карта на овој сегмент ќе бидат подложени на темелно вето, за да се истребат „мразачите на Америка“ и „комунистите“.

Ова е втора мини политичка бомба на Трамп месецов, насочена кон внатрешни работи во која се таргетираат одделни сегменти гласачи: претходно Трамп најави укинување на данокот на бакшиши, и тоа го стори во Невада, каде индустријата на забава и гостопримство живее од тоа.

Во меѓувреме, Трамп навигира низ темите онака како што проценува дека му одговара: своевремено беше јавно сомничав кон биткоинот, неодамна прими галантни донации во биткоини. Беше за забрана на ТикТок, подоцна се изјасни против забраната.

 

23 јуни 2024 - 10:43