Како напредуваат Русите на фронтот: побавно од полжав

Дури и за време на најжестоките офанзиви во изминатите две години, руските сили на фронтот во Украина напредуваат по 15 до 70 метри на ден. Тоа е меѓу најбавните напредувања во современото војување, побавно дури и од рововската Битка на Сома во Првата светска војна, каде што сојузниците заземале по 80 метри германска територија на ден.

Наодите од истражувањето на Центарот за стратешки и меѓународни студии ги оспоруваат неодамнешните изјави на претседателот Владимир Путин дека Русија постигнала значителен импулс на бојното поле во изминатите месеци.

Авторите на студијата, Сет Џонс и Рајли Мекејб, ги испитувале трите главни руски офанзиви на фронтовските линии по заземањето на Авдиевка во февруари 2024 година. Руските сили продирале во три насоки, кон Купјанск во северна Украина и кон Покровск и Часив Јар на исток. Руски извори лани објавија дека ги освоиле трите главни центри, иако Киев тврди дека сè уште возвраќа од џебови на борбено присуство.

Истражувачите од ЦСМС ја пресметале стапката на напредување врз основа на растојанието по права линија за кое се поместил фронтот, што не ја зема предвид вкупната површина на заземена територија.

Врз основа на овој метод, Русите напредуваа 23 метри дневно кон Купјанск и 15 метри кон Часив Јар. Дури и во Покровск, каде што Русија напредуваше најбрзо, трупите на Кремљ заземаа приближно 70 метри територија дневно. Тоа е вкупно 50 километри, наведуваат авторите.

Сите три продори се побавни од бруталната петмесечна Битка кај Сома во Првата светска војна, во која француските и британските сили заземале просечно по 80 метри германска територија дневно. Многу побрзо, по 1 километар на ден, напредувала Црвената армија на Ленинградскиот фронт во 1943 година.

Многу попробојни биле Украинците кога ја почнаа својата неколкумесечна контраофанзива во 2022 година. Во правец кон Харков напредувале по 7,4 километри на ден, а во привремениот упад на руска територија кон Курск заземале по 1.250 метри дневно.

Како делумна причина за бавното напредување на Русија, истражувачите ја истакнуваат природата на војната, која му оди во прилог на бранителот на територијата, особено по масовното воведување на беспилотни летала на фронтот.

Источната линија на фронтот е преполна со дронови. Како резултат на тоа, движењето на возилата е тешко, забележуваат авторите.

Тие додаваат дека наспроти бавното напредување на Русија, Киев се соочува со низа нови и сериозни предизвици - високите стапки на избегнување на воена обврска и дезертерство, намалувањето на американската воена поддршка и иновации во беспилотните летала со кои Русија ја напаѓа украинската енергетска инфраструктура.

За Русите најголем проблем се големите човечки жртви. Бројот на убиени или ранети руски војници е за 2 до 2,5 пати повисок кај Русите отколку кај Украинците, тврдат истражувачите од Центарот, повикувајќи се на податоци од Министерството за одбрана на Британија, новински агенции и разговори со офицери.

Само во 2025 година имаше околу 415.000 руски жртви, во просек по 35.000 месечно, додаваат Џонс и Мекејб.

30 јануари 2026 - 11:18