Падот на Мосул беше олицетворение на сите критики кон ал-Малики за владеењето во последните 8 години (некомпетентност посебно за воени прашања, непотизам, корупција...) Генералот кој го изгуби Мосул, беше избран не заради неговата компетеност (уште помалку заради тоа што беше омилен меѓу народот), туку затоа што бил лојален.
Дополнителната кривица на ал-Малики е и што комплетно ги дистанцираше Сунитите во земјата, кои во него го гледаа својот најголем душман. Во негова одбрана, ал-Малики немаше ниту преголема доверба кон своите Шиити.
Откако Америка во 2003-та влегува Ирак таа не успева да создаде квалитетна форма на владеење и покрај воените успеси против ал-Каеда во Фалуџа и против радикалните Шиити во Наџаф.
За време на изборите во 2006-та, Американците само знаат дека повеќе не сакаат да го видат на власт беспомошниот тогашен премиер на Ирак, Ибрахим ал-Џафари. Тогаш и Американците и Ирачаните се вртат кон ал-Малики тогашен парламентарец, кој оние што го знаеа го сметаа за одлучен и храбар. Кон средината на 2006-та, тој беше избран за премиер.
На почетокот тој генерално добро се снајде на позицијата, дури имаше и сериозни успеси во неколку воени судири во Ирак, а успеа и да го продолжи престојот на Американците во земјата до 2011-та.
Понесен од ново-воспоставената економска моќ на ирачкиот извоз на нафта и заминувањето на Американците, ал-Малики во 2011-та почна да ја покажува авторитарната жичка па годината го расипа односот со сунитските лидери (како со заменик претседателот на владата и министерот за финансии), и го растури сојузништвото со Курдите, околу нафтената политика во Курдистан (ова беше потпомогнато и од однесувањето на Курдите).
По ова тој се изолира, се опкружува со блиски луѓе, бара што е можно повеќе моќ и сето ова му оди од рака се додека не се соочи со надворешна сила "која уништи се пред себе и покажа колку е скапана сржта на државата на ал-Малики," објаснува поранешниот американски амбасадор во Ирак, Џејмс Џефри.