Уште додека ја прогласуваа победата во неделата од АФД веднаш и се пуштија на Меркел и најавија дека сега како парламентарци ќе започнат парламентарна истрага околу нејзината одлука да прими илјадници бегалци во Германија. Во целиот "историски" успех АФД почнаа да ги покажуваат и своите слабости, па уште во понеделникот ко-претседателката на партијата, Фрауке Петри, објави дека нема да биде дел од парламентарната група на алтернативците и ќе дејствува како самостоен пратеник.
За АФД да стигне до својот успех некој требаше да има сериозен неуспех, а тоа беа партијата на Меркел и нејзините коалициони партии, кои бележат постојан пад на анкетите од последните избори во 2013. Партијата на Меркел на овие избори ги има најлошите резултати од 1949.
Иако веќе подолг период без реки бегалци, АФД успеа да го задржи моментот и да работи на незадоволството на народот, за во последните денови пред изборите да бележи постојан раст на анкетите. Очекувањата беа дека партијата ќе освои максимум околу 70 места во парламентот. Освоија 94.
"На денот на гласањето АФД успеа да ги мобилизираа оние што вообичаено не гласаат и да ги придобие неодлучните гласачи кои дотогаш главно ги поддржуваа двете главни партии од центарот, вклучувајќи и еден милион гласач од ЦДУ-ЦСУ блокот на Меркел.
АФД беше засилена од гласовите од поранешните источногермански сојузни држави, каде освои 21,6%, тврдат од институтот Инфратест димап од Берлин. Меѓутоа 60% од оние што гласаа за АФД изјавиле дека тоа го прават во знак на протест, а не заради согласување со нивните политики," пишува Лиса Хаген во Атлантик.