Кратко откако е испратено предупредувањето, дроновите на Хамас уништуваат дел од комуникациската мрежа на израелската војска и кулите за надзор на границата, со што ги „ослепуваат“ војниците кои далечински ја надгледуваат границата преку видео камери. Дроновите ги уништуваат и автоматите што далечински се управуваат, а кои Израел ги имаше поставено на ѕидот. Со тоа Израел ги губи клучните средства за спротивставување на копнената инвазија.
Ова им овозможува на напаѓачите на Хамас да се приближат до граничната ограда и „со изненадувачка леснотија“ да ја уништат со експлозив или да ја пробијат со багери на неколку места, што го отвори патот за илјадници Палестинци да упаднат во Израел.
„Овие оперативни пропусти и слабости се дел од лепезата на логистички и разузнавачки грешки кај израелските безбедносни служби кои го поплочија патот за палестинскиот упад во јужен Израел,“ пренесува Њујорк тајмс изјава на четири високи израелски функционери.
Се работи за најлошото пробивање на израелската одбрана во последните 50 години. Со часови најмоќната армија на Блискиот исток беше неспособна да возврати на далеку послаб непријател, речиси цел ден оставајќи цели села и населби неодбранети од терористички одреди кои убија речиси 1.000 Израелци, киднапираа 150 луѓе, прегазија четири воени кампови и освоија речиси 50 квадратни километри израелска територија.
Тајмс го пренесува списокот грешки кој според четворицата израелски функционери довел до падот на нивниот безбедносен систем:
- Неуспех на разузнавачите да ги следат клучните комуникациски канали на палестинските напаѓачи.
- Преголемо потпирање на опремата за надзор на границата која лесно беше уништена од напаѓачите, што им дозволи да направат упад во воените бази и да ги убијат војниците во нивните кревети.
- Стационирање на командантите во една гранична база која беше прегазен во првата фаза од нападот, со што се спречи комуникацијата со остатокот од вооружените сили;
- Подготвеност да се верува на зборот на воените лидери на Газа, даден на приватни канали кои Палестинците знаеа дека се следени од Израел, дека не се подготвуваат за војна.
Тајмс објаснува дека првата грешка на Израел се случува повеќе месеци пред нападот кога израелскиот разузнавачки врв има погрешни претпоставки за тоа колкава закана е Хамас за Израел. За ова придонесува и тоа што Хамас се држи на страна за време на два судира кои изминатава година се случуваат меѓу Израел и Палестинците, во кои главната улога ја презема далеку помалата група Палестински исламски џихад. Минатиот месец Хамас стави крај и на немирите на границата што беше проценето како нивно залагање против ескалација на судирите.
„Хамас е многу, многу воздржан и ги разбира последиците на некој иден отпор,“ ќе изјави израелскиот советник за национална безбедност, Цачи Ханегби, на шест дена пред нападот.
Кога израелските разузнавачи минатата недела даваат брифинг на своите претпоставени тие алармираат дека најдиректна закана во тој момент кон Израел доаѓа од либанските милитанти на северната граница. Во истиот рапорт опасноста од Хамас едвај се споменува.
„На телефон, оперативци на Хамас, кои разговараат еден со друг прислушувани од израелското разузнавање, исто така оставаат впечаток дека се трудат да избегнат уште една војна со Израел по 2-неделниот конфликт во мај 2021. Израелското разузнавање сега проверува дали тие повици биле вистински или по скрипта,“ пишува Тајмс.
Оперативната грешка на израелската одбрана е што целиот надзор на границата им се потпира на камери, сензори и далечински управувани автоматски пушки.
Како што објаснува Тајмс „израелските команданти станаа претерано уверени во непробојноста на системот,“ што пак резултираше со намалување на бројот на војници на границата со Газа и нивно префрлање во други области.
Главната слабост на далечинскиот систем е што може и далечински да биде уништен, како што покажа нападот со дронови на клучните комуникациски кули кои ги поврзуваа различните точки на системот.
„Без мобилен сигнал, системот беше бескорисен. Војниците во контролните соби зад фронтовските линии не беа алармирани дека е пробиена оградата на границата, и не можеа да видат каде напаѓачите ги пробиваат бариерите со багери. Како дополнување, бариерите станаа полесни за пробивање отколку што очекуваа израелските функционери.
Тоа им дозволи на повеќе од 1.500 борци од Газа да упаднат преку речиси 30 точки на границата, некој од нив и со параглајдери кои летаа над барикадите, и да стигнат до најмалку четири израелски воени бази без да бидат пресретнати,“ пишува Тајмс.
Втора оперативна грешка е што лидерите на Газа дивизијата на израелската армија беа сместени на една локација на границата. Кога таа база беше прегазен, најголемиот дел од високите офицери беа убиени, ранети или заробени.
Ова во комбинација со проблемите со комуникација, спречија каков било координиран одговор на првите линии на израелската армија.
Хаосот на границата значи дека во првите фази од нападот е и исклучително тешко да се пренесе тежината на ситуацијата од фронтот на воениот врв во Тел Авив. Заради тоа, единиците на границата не добиваат ни брза воздушна поддршка, а на авијацијата и требаат неколку часа да се појави таму иако базите им се на неколку минути летање.
Израелските безбедносни сили не го негираат обемот на нивниот првичен неуспех, но порачуваат дека сето тоа ќе биде истражено дури откако ќе заврши војната.