Годинава Трамп го потпиша најголемиот воен буџет во историјата на САД во износ од 700 милијарди долари. Буџетот вклучува, на пример, 13,7 милијарди долари за 90 Ф-35 авиони, кои според Си-ен-ен „се во служба и подготвени за мисија во 26% од времето“, притоа ниту еден Ф-35 до сега немал воено крштевање.
4,5 милијарди долари ќе бидат употребени за изградба на новиот носач на авиони од класата Форд. 450 милиони се за 3 воени бродови, 4 милијарди се за два нови уништувачи на наведувани ракети, 5,5 милијарди долари се за две нови подморници од класата Вирџинија, а десетици милијарди се за поправка на најразлична опрема на авијацијата и морнарицата.
Минатата година два од постојните уништувачи на наведувани ракети имаа судир со смртни последици со товарни бродови на Пацификот. Истрага на американската морнарица покажува дека и покрај стотиците милијарди долари потрошени на одбрана, нема доволно пари во буџетот за адекватна обука за управување со воените бродови на морнарицата.
Авторот на текстот за Салун, Лусијан Трускот, кој во 2003 е сместен во американската база во Тал Афар на самата граница на Ирак со Сирија, сведочи на создавањето на отпорот во Ирак кој години подоцна ќе се претвори во ИСИС. Тој пишува за непрекинатите редици автомобили, камиони и магариња кои деноноќно ја минуваат ирачко-сириската граница, внесувајќи оружје во Ирак и изнесувајќи пари во Сирија.
„И покрај сите милијарди потрошени на одбрана армијата на САД не можеше да го спречи шверцувањето на ирачко-сириската граница. Не може да ги задржат Синџар, Тал Афар, Мосул и Рабиа (сите подоцна познати по уникатно ужасните маскари изведени од ИСИС).
Сакаш да знаеш што оружје користеа војниците на 101-вата десантна дивизија кога бев таму? М-16 пушка. 7,62 мм пушкомитралез. 81 мм минофрлач. 105 мм хаубица. Сите ова се оружја со кои армијата на САД се бореше во Виетнам, пред 35 години. Сакаш да знаеш со какво оружје тие се уште војуваат во странство? Со истото ова старо оружје.
Сакаш да знаеш што не се користеше на границата со Ирак и Сирија? Кој било од модерните бродови на морнарицата или Ф-22 или Ф-35 воени авиони,“ пишува Трускот.