Како да си латино диктатор а Трамп да те игнорира?

Покрај Венецуела, Доналд Трамп нанишани уште неколку земји во „неговата “западна хемисфера. Колумбија заради производството на дрога, Мексико заради нарко-картелите, Куба заради политичката кауза. Но, на списокот фали една земја која е предводена не од еден, туку од двајца диктатори и во која опозицијата се протерува, затвора или и на друг начин задушува. Станува збор за Никарагва.

Во првиот мандат, администрацијата на Трамп ја спомнуваше Никарагва, заедно со Венецуела и Куба, како „тројка на тиранијата.“ Во овој мандат, Никарагва се чини не е на листата за отстрел. 

Со сангвиник како Трамп тоа може преку ноќ да се смени, но во моментов Никарагва е во безбедна регионална позиција. Што правилно прави режимот во Манагва за да го избегне гневот на Трамп? Што има Никарагва што другите немаат? Или, можеби, што нема? 

Некои велат дека Никарагва влече паметни потези во борбата против трговијата со дрога, други дека е раат само затоа што нема природни ресурси по кои Трамп би се лакомел, трети дека не е голем мигрантски проблем за САД.

„Лекцијата од Никарагва е: немојте да бидете премногу битни, не го провоцирајте Вашингтон и немојте да станувате негово внатрешно политичко прашање“, вели Хуан Гонзалез, поранешен помошник за Латинска Америка на Џо Бајден. „За администрација на која не ѝ е гајле за демократијата или човековите права, тоа е ефикасна стратегија за преживување на авторитарците“.

Никарагва ја води моќната двојка, сопружниците Даниел Ортега и Росарио Муриљо. Тие се копретседатели на централноамериканската држава од 7 милиони жители. Во минатите години ги фалсификувале изборите, ја преземале контролата врз другите гранки на власта и ја уништувале опозицијата, додека не криејќи ги подготвуваа своите деца да ги наследат.

Навидум чудно патешествие за двајца некогашни сандинистички револуционери кои претходно се бореле за соборување на династичка диктатура.

Никарагва има договор за слободна трговија со Вашингтон, но се има соочувано со санкции, царини и други казни од САД за угнетување на својот народ, еродирање на демократијата и врски со Русија. И администрацијата на Трамп користела такви мерки против неа, но режимот не попуштил.

Се чини дека неколку фактори ја прават Никарагва помал приоритет за Трамп. За разлика од Венецуела, Никарагва не е моќен извор на нафта, природниот ресурс што Трамп најмногу го посакува. Има злато (Трамп сака злато), но не доволно, исто и минерали.

Иако дилерите на дрога ја користат територијата на Никарагва, таа не е голем картелски центар како што е Мексико. Некои никарагвански опозициски активисти се надеваат дека правните потези на САД против Николас Мадуро ќе ги разоткријат врските со трговијата со дрога помеѓу Манагва и Каракас.

Тие посочуваат на американското кривично обвинение против Мадуро од 2020 година, во кое се споменува Никарагва. Но, во најновото обвинение по грабнувањето на Мадуро на 3 јануари, Никарагва ја нема.

Лидерите на никарагванската опозиција се надеваат дека за време на судењето на Мадуро, сепак ќе се појави. 

До тогаш, Ортега и Муриљо не му се додворуваат на Трамп но гледаат да не го изнервираат. На пример, по барање на амбасадата на САД и тие (како Венецуела деновиве) ослободија група политички затвореници, но тоа на народот му го претставија како гест за прослава на нивното 19 годишно владеење. 

Русија и Кина на различни начини се доста присутни во Никарагва. Но моќната двојка од Манагва видоа дека Москва и Пекинг не се претргнаа многу откако нивниот венецуелски сојузник беше грабнат од својата спална соба. 

 

14 јануари 2026 - 13:07