
За проектот тие собираат донации од половина милијарда долари. Проектот започнува во 2011-та, и до денес во Кампеш нема изградено ниту еден дом, а неговите жители се уште живеат во лимени шупи, без ниту трага од вода за пиење или струја.
Организацијата се уште нема објавено детали за тоа како ги има потрошено парите, меѓутоа според досегашните процени до жртвите во Хаити стигнале помалку пари отколку што тоа го тврди Црвениот Крст.
Според нивните бројки тие до сега обезбедиле домови за 130.000 луѓе. Меѓутоа точниот број на перманентни домови кои организацијата ги има изградено во Хаити, изнесува - 6. Разликата е што во своите математики организацијата вклучува и луѓе кои добиле краткорочна помош за кирија или биле сместени во некој од илјадниците "привремени засолништа," или добиле подготовка "за соодветни градежни техники."
Токму категоријата "засолништа" е најскапата ставка во крајно општиот извештај на компанијата. За ова тие имаат одвоено 170 милиони долари, од вкупно 488.
Една од забелешките која провејува низ сите сведоштва е дека организацијата немала ниту знаење, ниту луѓе за ефикасно да ги изведе проектите што ги најавила, плус целата работа на теренот во Хаити била микроменаџирана од Вашингтон ДЦ.
Во самата процедура најголем проблем на Црвениот Крст се правата на земјиштето кои ни пред земјотресот не биле решени од власта.
"Останатите групи исто така наидоа на проблеми со тапии и останати работи. Ама тие на крај изградија 9.000 домови во споредба со 6-те на Црвениот Крст," стои во заедничката сторија на ПроПублика и НПР.