САД беа главниот извор за финансирање на Канцеларијата на ОН за Сомалија (UNSOS), која обезбедува логистичка поддршка, прехранбени пакети, гориво и медицински материјали за мировната мисија на Африканската унија во оваа сиромашна земја на Рогот на Африка. Од 2007 година, САД имаат обезбедено околу 3,6 милијарди долари за поддршка на неколку мировни мисии во Сомалија. Оваа сума вклучува речиси 2 милијарди долари преку канцелариите за поддршка на ОН и 1,6 милијарди долари билатерална помош за африканските земји што испраќаат војници во Сомалија, според податоци од Конгресот на САД.
И покрај реториката дека е спасител, меѓународната заедница ниту разви стратегија за пораз на Ал Шабаб ниту, пак, некогаш спровеле нешто на координиран начин, забележува Абукар Арман, политички аналитичар и поранешен сомалиски дипломат во САД.
Во 2007 година, мировните сили на Африканската унија од Уганда беа распоредени во сомалискиот главен град Могадишу за да ја поддржат кревката преодна влада која се бореше против вооружените исламистички бунтовници – пред сè, групата Ал Шабаб, тесно поврзана со Ал Каеда. Во годините потоа мировните сили успеаја да ја истиснат Ал Шабаб од Могадишу и поголемите градови. Сепак, милитантната група сè уште доминира во руралните области. Таму таа прерасна од герилско движење во „држава во сенка“.
Додека меѓународната заедница се фокусираше како да ја одржи во живот својата мисија, Ал Шабаб се фокусираше на градење држава, вели Џетро Норман од Данскиот институт за меѓународни студии.

Во областите во кои ги контролираше Ал Шабаб формираше паралелна влада со сопствени судови и даночен систем, од кој собираше помеѓу 100 и 150 милиони долари годишно. За споредба, даночните приходи на сомалиската влада изнесуваат нешто повеќе од 250 милиони долари, главно од царините во пристаништето во Могадишу и од донации.
Имате бунтовничко движење што само се финансира и влада што не го прави тоа, додава Норман.
Приходите Ал Шабаб ги насочи главно за услуги за цивилите. Битен успех е целосното искоренување на дрогата и криминалот. Уште од почетокот на бунтот, лидерите на терористичката група ја сфатија важноста од стекнување легитимитет кај народот, без да го нарушат сложениот систем заснован на кланови.
Сомалиската влада, пак, од 2006 година наваму важи за најкорумпираната во светот, според Транспаренси интернешнел. Дури и во области под владина контрола, цивилите ги претпочитаат како поправедни шеријатските судови управувани од Ал Шабаб.
Припадници на актуелните мировни сили на АУ, како и на двете претходни мисии, се поврзуваат со наводи за масовно кршење на човековите права, вклучувајќи вонсудски убиства, присилни исчезнувања, масакри врз цивили и силувања. Сомалиската влада ги игнорира овие обвинувања. Еден од најѕверските инциденти се случи во Було-Марер од 2024 година, кога мировни војници од Уганда им ги отсекле главите на двајца локални земјоделци. Во Було-Марер избувнаа протести, со барање мировниците да ја напуштат земјата. Ал Шабаб итно го осуди нападот и се закани за одмазда на цивилите. Владата до денес, цели две години, не го соопштила својот став за нападот.

Токму затоа многумина Сомалијци ја доживуваат терористичката група како сила што ја брани земјата од странска потчинетост, надоврзувајќи се на националистичката традиција на вооружен верски отпор против окупации уште од колонијалниот период. Тоа ѝ помогна на групата да регрутира млади мажи за контраофанзивата во која лани ги врати изгубените територии и пристигна на 45 километри од Могадишу.
По најавата на САД дека ќе ја прекине поддршката на 31 декември годинава, почна процесот на повлекување на мировните трупи. Ниту една друга земја ниту меѓународна организација не изразила интерес за финансирање на нова мисија. Единствено Турција неодамна распореди свои 500 војници, вклучувајќи оператори на беспилотни летала.
Ал Шабаб трпеливо ќе чека сè додека последните странски војници не го напуштат сомалиското копно, истакнува политичкиот аналитичар Арман.