Како 68-годишен британски социјалист ги натера младите да излезат на гласање

Печатот се подбива со човекот, противниците се подбиваат со него, а исто и најголемиот дел од избраните членови на неговата партија. Пред гласањето неговите шанси се движеа меѓу комплетен пораз и пропаст. И на крај стварно Тереза Меј освои повеќе пратеници, меѓутоа општиот впечаток е дека Џереми Корбин е победникот.

Соочен со овие проблеми, Корбин одлучи да се сврти кон гласачите кои му се најдалечната демографија - млади, кои се прегорени и разочарани од последното гласање во Британија (брегзит). Ова е посебно ризично не само заради тоа дали ќе ја погоди пораката што сакаат да ја чујат луѓе 40 години помлади од него, туку и затоа што оваа група има рекордно ниска излезност на изборите.

Во својот манифест Корбин на младите им вети дека ќе забрани неплатени приправници и ќе ги ограничи кириите кои ќе можат да се зголемуваат само со растот на инфлацијата. Тој најави враќање на бесплатното високо образование (кое беше укинато во 1997), и делумно отпишување на студентските кредити.

Ветувањата на Корбин покриваат теми што најдиректно ги засегаат гласачите што тој се обидува да ги собере. Во последните 7 години цената на високото образование е зголемена за три пати; владата ги има укинато грантовите за помош за високо образование на најсиромашните; младите не можат да се осамостојат заради високите цените на недвижностите; и има се помалку работни места.

На сето ова се надоврзува и еден неочекуван феномен наречен - Grime4Corbyn, во кој некои од најпопуларните британски рапери се собираат и му даваат сериозна поддршка на претседателот на лабуристите повикувајќи ги своите фанови да гласаат за него.

По сето ова, и неколку други потези, над милион гласачи на возраст до 25 години се регистрираа за да гласаат на изборите на 8-ми јуни. Оваа бројка е поголема отколку бројот на регистрирани гласачи од оваа група пред референдумот за брегзит. (Во британскиот систем ако сакаш да гласаш прво мора да се регистрираш, гласањето не следува по автоматизам со добивање на лична карта).

Крајниот исход од изборите е победа на Меј, која сега има помалку пратеници отколку пред вонредните избори што сама ги свика. Иако поразени лабуристите завршија со 30 пратеници повеќе отколку на минатите избори, и најголем удел во вкупниот број гласови од 1997.

 

13 јуни 2017 - 14:00