Жените во Авганистан живеат во дистописки кошмар. Тешко е да се најдат соодветни зборови за да се опише таква масовна малтретажа. Пишувајќи под псевдоним во Сандеј Тајмс, една Авганистанка порача дека се доведени до депресија и помисла на самоубиство.
„Во средината на дваесеттите години од овој век немам никаква надеж и чувствувам дека ништо никогаш нема да се промени. Ниедна од нас не живееме, само преживуваме“.
Ваков монструозен режим не заслужува ништо освен целосна едногласна осуда. Па, сепак, се чини дека на Обединетите нации и многу влади приоритет им е нормализирањето на дипломатските односи со Талибанците пред правата на жените.
Амнести интернешенел ги повика талибанците да го прекинат својот „родово заснован прогон“, но првично тоа го формулираа како прогон против оние кои се „идентификуваат како женски“. Подоцна употребија поинаков вординг па се сфати дека се однесува на жени и девојки. Очигледно, некој таму сфати дека таков апсурдно воук јазик звучи преглупо во авганистански контекст.
Откако талибанците се вратија на власт во 2021 година, ОН се обидуваат да го „интегрираат“ Авганистан во меѓународната заедница. Годинава објавија „патоказ“, во кој генералниот секретар Антонио Гутереш сугерира дека правата на жените ќе се подобруваат со текот на времето. Во реалноста, ситуацијата само прогресивно се влошува.
Овој пристап или е ужасно наивен или е некомпетентен. Талибанците имаат долга историја на брутализација на жените и нема индикации дека овие исламистички екстремисти воопшто ги реформирале своите ставови.
Наместо тоа, тие итро го разработија она што западната либерална елита сакаше да го слушне. Во 2020 година, Њујорк Тајмс објави текст од бруталниот талибански терорист Сираџудин Хакани кој вети дека жените ќе имаат еднакви права, откако Авганистан ќе биде „ослободен од странска доминација и мешање“. Го изиграа Њујорк Тајмс како мало дете. Сега медиумот молчи за забраните за жените.
Авганистан денес е пекол, мизерија и страдање за жените.
„Шокантно е што некој се убеди себеси дека под талибанците можеше да биде поинаку, врз основа на она што сите го знаеме за заканата што исламистичкиот екстремизам ја претставува за жените и девојките. Очигледно, моралната решителност на либералните елити е заморена од неуспешните странски интервенции и ослабена од разбуденоста. Во тој вакуум, најлудите зацаруваа во Кандахар“, пишува Кендис Холтсворт.