Мосад бил против нападот во Катар

Моќната израелска разузнавачка служба се спротивставила на плановите на Нетанјаху за воен напад врз лидерите на Хамас во Доха, за да не се прекинат врските со Катар и да не се загрозат напорите за ослободување на израелските заложници во Газа. Службата предложила алтернативен план за елиминирање на терористичките команданти. Без поддршка од Мосад, нападите во Доха не беа успешни.

Шефот на Мосад, Давид Барнеа, го предупредил израелското раководство дека со дрзок и груб атентат со проектили врз воените и политичките лидери на Хамас во Катар – пријателска земја на Израел и клучен посредник во мировните преговори, ќе ги уништи напорите за ослободување на израелските заложници што преостанаа во Газа. 

Мосад се согласил дека сите лидери на Хамас треба да бидат пронајдени и ликвидирани, но инсистирал тоа да се направи внимателно и ефикасно, без да се избрзува.

Можеме да ги фатиме за една, две или четири години од сега. Мосад знае како да го направи тоа. Зошто да го направи тоа сега?, изјавиле анонимни извор за Вашингтон пост.

Одбивањето на Мосад да учествува во операцијата му ги ограничило опциите на Израел. Премиерот Бенјамин Нетанјаху одобрил воен план, во кој 15 борбени авиони во вторникот од далеку истрелале 10 проектили кон базата во Доха во која било раководството на Хамас. Ракетите ја погодиле целта, но меѓу шесте жртви не бил ниту еден висок лидер или командант на палестинската група. Загинале неколку роднини и помошници на водачите на Хамас и еден катарски офицер.

Така Израел не ја оствари својата цел, а изгуби важен дипломатски партнер. Катар објави дека ја преиспитува својата улога во сите идни посреднички напори. Нетанјаху ги загрози и односите со Вашингтон. САД го оценија нападот како „еднострана ескалација што не им служи на американските или израелските интереси“. Министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Британија ги осудија нападите како „нарушување на суверенитетот на Катар“ и „ризик за понатамошна ескалација во регионот“.

Воената операција веројатно ги нарушила и плановите на Мосад за елиминирање на раководството на Хамас. Оперативците на Мосад досега беа многу ефикасни во тајните операции, како поставувањето бомба во спалната соба на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, среде Техеран.

Аналитичарите проценуваат дека Нетанјаху го изгубил трпението со преговорите за примирје во Газа и ослободување на израелските заложници.

Беше познато дека Барнеа ја цени посредничката улога на Катарците. Не можете да го изгорите посредничкиот канал. Но, Нетанјаху веројатно се решил да влезе во Газа, убеден дека Хамас нема поддршка за последниот предлог од Трамп за ослободување на заложниците. Ако тоа е случајот, Нетанјаху веројатно ја сметал преговарачката патека како бескорисно ограничување на операцијата на терен, изјави  Дејвид Маковски, виш соработник во Вашингтонскиот институт.

И генералот Ејал Замир, шефот на Генералштабот на Израелските одбранбени сили, наводно бил против тоа нападот да биде извршен сега, додека Нетанјаху добил поддршка од министрите за одбрана Израел Кац и за стратегиски прашања Рон Дермер. Ницан Алон, офицерот задолжен за преговорите за ослободување на заложниците, воопшто не бил поканет на состанокот, затоа што се знаело дека ќе биде против нападот.

Нетанјаху и неговите поддржувачи заклучиле дека било вистинско време за напад бидејќи лидерите на Хамас биле собрани на една локација. На итно дејство биле поттикнати и од двата напади во понеделникот - убиството на шестмина израелски цивили во Ерусалим од вооружен Палестинец и нападот од заседа во Газа, во кој загинале четири израелски војници. Раководството пресметало дека односите со Катар со време ќе се нормализираат.

13 септември 2025 - 09:05