Јапонија нејќе шуто и рогато од странство

Јапонија е остров па се чини дека не би требало да има проблем со зголемена имиграција. Но и Англија е остров па види ја ти неа. Откако рекордно им се зголеми бројот на странци за само една година, јапонската влада драстично го зголеми давачките за дозволи за престој. Странците ќе мора да покажат приходи исти или повисоки од просечните јапонски приходи а во меѓувреме ќе треба и да го навежбаат јазикот. 

Јапонија 20-кратно ја зголеми цената за апликации за постојан престој и воведе построги барања за приходи и познавање јазик за странците кои сакаат долгорочно да се населат таму.

Ваквите потези на владата на премиерката Санае Такаичи се претставуваат како алатка за заштита на јавните финансии и социјалната кохезија.

Од први октомври, таксата за постојан престој се зголеми од 10.000 на 200.000 јени (околу 1.270 долари) а давачките за промена или продолжување на други статуси на престој, кои долго време беа фиксирани на 6.000 јени, сега доаѓаат и до 75.000 јени. 

Еве овде убаво е објаснето тоа:

Мерките се носат откако бројот на странци во Јапонија кон крајот на ланската година достигна рекордни 4,12 милиони, што е зголемување од 9,5% за една година. 

„Владата признава дека некои граѓани се чувствуваат вознемирено или имаат чувство на неправда поради зголемениот број на странски жители“, напиша Такаичи на Икс.

Промените, рече таа, имаат за цел да „обезбедат ред“ и да им овозможат „и на граѓаните и на странските државјани да живеат безбедно и сигурно“.

Освен поскапените давачки, странците во Јапонија треба да покажат континуиран приход на ниво или над просекот на јапонските домаќинства со слична големина - 5,75 милиони јени (околу 36.500 долари). Мора да покажат и проектирани пензиски бенефиции споредливи со 30 години придонеси во пензискиот систем или недостаток што можат да го покријат поинаку.

Од април 2027 година, кандидатите ќе треба да го познаваат јапонскиот јазик на ниво да можат сами да комуницираат.

 

8 октомври 2026 - 12:49