Како што и се очекуваше, Алтернативата за Германија (АфД) победи во Тирингија со близу 33% од гласовите, додека во соседна Саксонија беше втора со речиси 31%. Првпат по Втората светска војна, партија на крајната десница стана битна политичка сила во Германија.
Другите учесници претходно долго вежбаа да не изгледаат шокирани од изборните резултати. Марио Волт, лидерот на конзервативните демохристијани во Тирингија, зазема поза на победник иако неговата партија освои далеку помалку гласови, 24%.
И таму и во Саксонија конзервативците најавија дека нема да преговараат со АфД, но тоа значи дека ќе биде потребно составување комплицирани сојузи со по две-три левичарски партии.
Во Тирингија речиси половина од бирачите се опредeлија или за Афд или за радикалната левичарка Сара Вагенехт, чија алијанса се позиционира лево за економски теми а десно за имиграцијата. Во Саксонија заедно имаат освоено 42%.
Социјалдемократите практично беа збришани на последните избори, со 6% во Тирингија и 7% во Саксонија. СДП го мина прагот од пет посто за влегување во парламентот но како меинстрим политичка сила ќе исчезне ако ништо не се смени. Заостануваат зад АфД и на национално ниво.
Речиси развластената политичка елита својот пораз го правда со заостанатата политичка култура на источна Германија. Една од Зелените во Тирингија (нив веќе ги нема во парламентот) се пожали дека многу нејзини сограѓани „останале заглавени во величање диктатури“.
Далеку од тоа дека источните Германци се антидемократски. Во пресрет на изборите имаа живи и енергични јавни дебати, за политика се зборува и на работни места и на астал, излезноста беше рекордна, со околу 3/4 од запишаните бирачи.
Источните Германци не се сити од политика. Сити се од тоа да не ги сфаќаат сериозно, пишува Катја Хојер во Гардијан.
Истото важи и за другите демографии. 37% односно 31% од младите во двете покраини гласале за АфД. Тие ги имаат освоено и работничките гласови со голема маргина, оние кои традиционално се изборна база на социјалдемократите и редовно им полнеа барем 30% од гласовите.
За Германците најголеми секирации се имиграцијата, енергенсите, војната и економијата. Вознемиреноста е разбирлива со оглед на тоа што сè поголем број имигранти се товарат за кривични дела кои се во пораст.
Сето тоа беа теми кои за левичарските партии беа непријатни за разговор, но токму тоа требаше да го прават, наместо да им ги препуштат темите на АфД.
Хојер се надева дека овој задоцнет аларм за меинстрим партиите ќе биде слушнат во Берлин.