Истоштената суперсила

Улогата на САД низ светот се повеќе се намалува, ама не начин на кој Американците треба да се радуваат, смета Њузвик во свoето најново издание.

Дипломатскиот дебакл околу Сирија што се развива пред очите на светот претставува повеќе од само збунет Претседател кој се бори со трнливиот проблем - дали да употреби воена сила. И ова не е само за прашањето на хуманитарна интервенција - за тоа дали Америка треба да спречи масовни злостори. Туку, ова ја отсликува длабоката трансформација која се случува во американската надворешна политика - трансформација за која се плашам дека ќе зажалиме.

Во годините пред Втората светска војна, како што изолационизмот почна да преовладува низ Америка, се разви алтернативен начин на размислување како против тежа на оној кој тврдеше дека настаните во далечните држави со неизговорливи имиња не се американска грижа. Филозофијата - која стана позната како либерален интернационализам - беше основа на одговорот на Френклин Рузвел и Хари Труман, прво на фашизмот на Хитлер а потоа и на комунизмот на Сталин. Џон Кенеди се повика на оваа традиција кога побара Америка да "го носи товарот... со цел да се осигури преживувањето и успехот на слободата." Идејата беше дека американската надворешна политика не може да се сведе само на грижа за самите себе, туку треба да биде поврзана со поголеми амбиции - меѓу нив, создавањето и зачувувањето на светски поредок во кој демократските вредности и економската слобода ќе можат да напредуваат; поддршка на меѓународен систем базиран на правила; намалување на регионалните конфликти и нестабилноста; и опозиција на репресивните идеологии. Како што Студената војна се развиваше во следните декади, американската надворешна политика варираше од претседател до претседател. Сепак остана основниот консензус меѓу политичарите во корист на оваа идеја.

По колапсот на советскиот комунизам, либералниот интернационализам, или барем некои негови верзии остана во срцето на американската надворешна политика. И Џорџ Буш (постариот) и Бил Клинтон го гледаа водството на Америка како незаменливо во она што Буш го нарекуваше нов светски поредок, а што Клинтон го виде како свет на глобализација и интеграција. И двајцата претседатели работеа да ги заштита овие принципи. Буш го избрка Садам Хусеин од Кувајт, додека Клинтон го спречи геноцидот на Милошевиќ во Босна и спречи геноцид во Косово. (Секако Клинтон и Буш беа далеку од совршени во оваа смисла - пасивноста на Буш во однос на масакрот во Ирак по Заливската војна, и пасивноста на Клинтон во Руанда.)

Токму постапките на Џорџ Буш (помладиот) го започнаа целиот низ на настани што предизвикаа американскиот консензус за либералниот интернационализам да почне да се расцепкува и на крај да колабира. Иако неговата цел за промовирање на демократски промени потсетуваше на Кенеди, методите и некомпетентноста беа уникатни за неговата администрација. Обидувајќи се да ги изгради нациите во Авганистан и Ирак со неколку меѓународни сојузници, и потоа спектакуларно не успевајќи во тоа, Буш ја распарчи довербата на Американците во нивното меѓународно водство. Вреди да се потсетиме како гордо Америка стоеше по падот на Талибанците во 2001-ва: нашите непријатели - Северна Кореја, Иран, па дури и Кина - се плашеа не само од нашата супериорна воена моќ, туку и од нашата вештина да го поведеме светот во акција. Многу скоро, како и да е, чувството за американската сила и лидерство, исчезна.

Меѓународното претерување на тимот на Буш - комбинирано со економските проблеми од 2008-ма - започнаа бран на промени во американското мислење околу важноста на меѓународните обврски. Речиси на истиот начин на кој британскиот народ и нивните лидери се претворија во изолационисти по ужасите од Првата светска војна, за многу Американци, фијаското во Ирак беше основа да се свртат кон внатре - и причина да го остават Авганистан на својата судбина, да ги остават Европејците да се справат со Либија и Мали, и сега да ја гледаат Сирија како гори.

Ова не' носи до предлогот на администрацијата на Обама за употреба на сила во Сирија. Неделава во неговото обраќање до нацијата, Обама даде силни аргументи за воена акција против сирискиот режим на Башар Ал Асад. Тој се осврна на традицијата на либерален интернационализам, цитирајќи ја изјавата на Франклин Рузвелт дека "одлучноста на нашата нација да не се меша во странски војни и странски конфликти не може да не' спречи да се чувствуваме длабоко загрижени кога се загрозени идеалите и принципите што гаиме." И сепак реалноста на политиката на Обама кон Сирија - како и растечкото чувство на изолација во Вашингтон - покажува дека либералниот интернационализам сега е под поголема закана од кога било.

Кога е до прашања од националната безбедност, посебно анти-тероризам, администрацијата на Обама има добро резиме на заштита на Американците. Без разлика дали тоа е напад со дронови на оперативци на Ал Каеда во Јемен и Пакистан или убиството на Осама Бин Ладен, претседателот реагираше одлучно во одбрана на американските интереси.

Меѓутоа кога е во прашање американското водство или акциите во странство во име на демократските вредности, пристапот на администрацијата на Обама беше задушен. Во Сирија две години мораме да гледаме од страна додека Асад убива 100.000 свои луѓе - прво мирни демонстранти, а потоа опозициски сили и цивили. Дури и денес претседателот предлага ништо да не се направи околу овој колеж. "Мојата грижа сега е," вели тој, "да се осигурам дека Асад нема повторно да ги искористи овие хемиски оружја." Во меѓувреме, дури и овој предлог изгледа дека не добива доволно поддршка од американската јавност и на крај може и да умре во Конгресот.

Каде е моралниот гнев од претседателот, од елитните медиуми, од дипломатската заедница, или од пошироката јавност, околу масовното убиство на над 100.000 луѓе што Асад го направи со конвенционално оружје? Каде се либералните протести во знак на солидарност со жртвите на режимот на во Дамаск? Каде е загриженоста како постојната граѓанска војна ќе влијае на останатите земји во регионот - потенцијално дестабилизирајќи ги Либан и Јордан? Каде е чувството дека Америка има должност не само да стори се што може за да им помогне на Сиријците, туку и да ја спречи целата таа област да пропадне во хаос? Освен сенаторот Џон Меккејн и неколку колумнисти и воени известувачи, малкумина изгледа се загрижени за пошироката сириска несреќа, која Обединетите нации ја нарекоа најголемата бегалска криза во историјата на организацијата. А уште помалку бараат хуманитарна интервенција за да се спречи режимот на Асад во масакрирањето на своите луѓе и во преплавувањето на целиот регион со очајни бегалци.

За разлика од Косово, кога стратегијата на дипломатија поддржана од сила го убеди Милошевиќ да го спречи масакрот, ниту една влада не понуди уверлив план како да се спречи Асад. И се уште не е ниту во видик крајот на војната во Сирија. Запомни, неодамнешниот скок во американско-руската дипломатија се однесува само на хемиските оружја. Ако хемиската закана е решена со инспектори на О.Н. - големо ако - режимот во Дамаск ќе се бори со конвенционално оружје.

Слушајте го Обама и ќе ви стане повеќе од јасно каде се движи американската надворешна политика: "Потрошив четири и пол години работејќи на завршување на војни, а не на нивно започнување. Нашата војска го напушти Ирак. Нашата војска доаѓа дома од Авганистан. И знам дека Американците сакаат сите ние во Вашингтон - посебно јас - да се концентрираме дома да ја градиме нашата нација."

Овој муабет за градење нација во нашиот дом не е далеку од познатиот слоган на Џорџ Мекговерн за време на неговата изборна кампања во 1972-ра: "Америка дојди си дома." Меѓутоа додека идеите на Мекговерн беа малцински во 1972-ра, минималистичкиот пристап на Обама околу надворешната политика сега е на големо популарен и стана прифатен како еден вид доктрина на Обама од останатите кои некогаш ги нарекувавме Запад.

Додека Американците може да се чувствуваат охрабрени од тврдењето на Обама дека "плимата на војната почнува да се повлекува," поширокиот Среден Исток - Сирија, Либан, Јордан, Ирак, Бахреин, Египет, Јемен - е во метеж; Талибанците владеат во многу делови на Авганистан; граничните региони на Пакистан се уште никој не ги управува; продолжува нуклеарната програма на Иран; а Северна Кореја само што започна со производство на плутониум за да ја зголеми својата способност за нуклеарно оружје. Ако Америка повеќе не е неопходна нација, како што тоа го сигнализираше претседателот Обама, и ако либералниот интернационализам е во опаѓање, кој и што ќе го замени американското лидерство во оваа голема лепеза на глобални предизвици? Во меѓувреме, за луѓето во Сирија, прашањето е многу поитно: дали некој воопшто ќе се обиде да го спречи колежот?

13 септември 2013 - 22:24