
Ако се имаат предвид технолошките чуда во роботиката, вештачката интелигенција, градежништвото и медицината, зачудува фактот како Кина досега не била меѓу најиновативните нации во светот. На новото рангирање на Светската агенција за интелектуална сопственост (WIPO), таа сега првпат е меѓу десетте земји, истиснувајќи ја најголемата европска економија – Германија.
На врвот уште од 2011 година не се симнала Швајцарија, а своите позиции од лани ги задржаа и Шведска на второто место и САД на третото. Следуваат Јужна Кореја, Сингапур, Британија, Финска, Холандија и Данска. Зад Кина и Германија, пак, останаа Јапонија, Франција и Израел.
Глобалниот индекс на иновации (GII) рангира 139 економии врз основа на вкупно 78 индикатори. За Кина се очекува да го подобри својот рејтинг, бидејќи повеќе од сите други вложува во развој и истражување и брзо го намалува јазот во финансирањето на приватниот сектор. Во 2024 година пријавила една четвртина од сите меѓународни патенти. Во исто време се намалил бројот на патенти од САД, Германија и Јапонија, кои заедно поднеле вкупно 40%. Сопственоста на патенти се смета за важен знак за економската сила и индустриското знаење на една земја.
Во Кина сега се и три од десетте најголеми центри за иновации во светот (Шенџен-Гвангџоу-Хонг Конг, Пекинг и Шангај-Суџоу). Четири се во САД (Сан Хозе-Сан Франциско, Њујорк, Бостон-Кембриџ и Лос Анџелес), плус Сеул, Токио-Јокохама и Лондон.
Со индекс од 29,8 Македонија според GII е на 63 место во светот и на 34-то место во Европа, заедно со Црна Гора, а пред Украина, Албанија, Молдавија, Белорусија и БиХ. За споредба, индексот на иновации на Србија е 31.7, на Грција 37.3, на Хрватска 37.7, а на Бугарија 39.1. Швајцарија има 66.
Лани сме биле рангирани на 58 место во светот, а во 2023 на 54 место. И според вложувања во иновации и според испорачувања сега сме 65-ти. По категории, највисоко котираме според „знаење и технолошки аутпут“ и „инфраструктура“, а најслабо според „софистициран бизнис“.