Ако “говорот на омраза” може да убие, што е со „грешките од омраза“

Настрана психопатите кои отворено ликуваа на убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк, и угледни личности и медиуми се фатија за орото „сам си го бараше“, при што на човек често му се препишува она што не го кажал или пак е извадено од контекст. Македонската медиумска неписменост, со која се коментираат скриншотови од наслови како во нив да е целата вистина, душа дала за такви манипулации. 

На дното на статијата на Њујорк Тајмс „Каква беше позицијата на Чарли Кирк за клучните политички прашања“, после објавувањето се појави дополнителна уредничка белешка:

Претходна верзија на оваа статија погрешно опиша антисемитска изјава што Чарли Кирк ја даде во епизода од неговиот подкаст. Тој цитираше изјава од објава на социјалните медиуми и продолжи да ја критикува. Тоа не беше негова изјава.

Дури и корекцијата беше напишана „со пола уста“. Тајмс „неправилно опиша антисемитска изјава што ја даде Чарли Кирк“ не е исто што и „Неправилно му припишавме антисемитизам на Чарли Кирк“. 

Сè почесто се пишува за „расистички или антисемитски коментари“ без тие да се разјаснат.  На друго место, Тајмс користи реторички трикови од типот „сопствената реторика на г-дин Кирк долго време беше оценета како расистичка, ксенофобична и екстремна од групите што го проучуваат говорот на омраза“.

Една од вообичаените техники е да му се припише говор на омраза на некое лице, а потоа да се пренесуваат мислења дека тоа мотивирало конкретни акти на насилство. Ова е отворена покана јавноста да го обвини субјектот за насилството. 

„Мојот проблем со ова отсекогаш бил тоа што она што го нарекуваат „дезинформација“ честопати се покажува како вистина, а „говорот на омраза“ честопати се покажува како нешто што не е ни приближно достојно за терминот, или пак е целосно лажно“, пишува Мат Таиби.

Стивен Кинг беше принуден да се извини откако наседна на уверливо монтирано видео кое го прикажува Кирк како го фали библискиот пасус во кој се повикува гејовите да бидат каменувани до смрт. Во суштина, Кирк се расправаше против тенденцијата на луѓето да избираат библиски пасуси.

Не се согласував со многу работи што ги кажуваше Чарли Кирк. Бев запрепастен кога рече дека Мартин Лутер Кинг ни дал „повеќе фокус на расата а помалку акцент на карактерот и однесувањето“, тврдејќи дека тој во целина повеќе бил „расен марксист“ отколку класичен хуманист. Неговата реплика за тоа дека „Жал ми е, ама ако видам црн пилот,  ќе речам: ‘Се надевам дека е квалификуван.“, не помина славно, слично како коментарите дека на црната Америка ѝ било подобро во четириесеттите години.

Сепак, би сакал весници како „Тајмс“ да не можат само да полнат страници со „Најголеми анти-хитови“ туку да се обидат да ја доловат целата личност, која имаше тврдокорни, контроверзни ставови, но исто така имаше искрена верба во отворена дебата, одржуваше пристојност и се соочуваше со противниците со чувство за фер игра. Никогаш не го слушнав Кирк да повикува на касапење на политичките противници. Не ги гледам видеата на Тик-Ток со луѓе кои го поздравуваат ова или она убиство, но многу истакнати медиумски личности по овој атентат продолжуваат со идејата дека некои луѓе се лоши, поради нивните политички ставови - понекогаш, само поради еден политички став. Што лесно може да било погрешно пренесено.

Дали стварно сме толку плитки?

* извор

16 септември 2025 - 15:11