Исцрпени морнари од „Абрахам Линколн“ сакале да се фрлат во море

Изложени на постојан психички стрес и мисија од 260 дена на отворено море, најмалку шестмина морнари од американскиот носач на авиони „Абрахам Линколн“ се обиделе да се самоубијат. Конгресмени во Вашингтон бараат истрага за тешките услови и третманот на кои се изложени морнарите во воената операција против Иран, на која не ѝ се гледа крајот.

Повеќе од 5.000 морнари и маринци на „Абрахам Линколн“ го поминуваат деветтиот месец од својата мисија, која ги одведе и во војна против Иран. Тоа претставува рекорд за кој било носач на авиони во поново време.

Носачот на нуклеарен погон исплови од Сан Диего на 21 ноември, на редовна мисија во Пацификот, која требаше да заврши годинава во мај. Но, во меѓувреме САД ја почнаа војната со Иран и го префрлија својот втор според големина носач од Пацификот кон Арапското Море. Бродот е под команда на CENTCOM, која не објавува датум за крај на мисијата.

Во овој период, екипажот на „Абрахам Линколн“ стапнал на копно само два дена - првпат во декември на островот Гуам во Индиски Океан, а потоа во јули, кога се бродот привремено се вкотвил во Оман заради дополнување на залихи. На Гуам не им било дозволено на сите морнари и членови на екипажот да го напуштат бродот. Во Оман им било дозволено на сите, но само во обезбеден периметар во пристаништето.

Долгиот период поминат на море, заедно со стресот самите воени операции, недостатокот на основни производи и лошите санитарни услови оставиле силни последици врз менталното здравје на морнарите.

Сопруга на еден морнар изјави за магазинот Stars and Stripes дека нејзиниот сопруг ѝ порачал дека „се надева оти нема да се разбуди утре“. Родители на друг морнар пренесоа дека „тој и неговите колеги постојано размислуваат да скокнат од бродот, само за да почувствуваат олеснување“.

Според Military Times, забележани се најмалку шест обиди на морнари да скокнат во море. 

Реагирајќи на потресните извештаи, неколкумина демократски конгресмени побараа истрага за условите на носачот и одговорност од надлежните офицери во Воената морнарица. Ричард Блументал, член на Комитетот за вооружени сили при Сенатот, во средата испрати писмо до секретарот за одбрана Пит Хегсет и до вршителот на должноста секретар на Морнарицата, Хунг Цао, барајќи информации за долгото распоредување на носачот на авиони.

Конгресмените потсетуваат и на вестите од почетокот на војната со Иран, кога поради принудно затворање на санитарниот јазол на носачот „Џералд Форд“, морнарите биле принудени да се туркаат пред тоалетите и биле изложени на ужасни хигиенски услови.

Секретарот за одбрана Пит Хегсет тогаш ги отфрли наводите, нарекувајќи ги „лажни вести“.

Овие мажи и жени се пријавија да ѝ служат на својата земја. Најмалку што земјата им должи е топла вода, исправен тоалет и вистински оброк. Хегсет не може да го обезбеди ниту тоа, а сепак има дрскост да ги погледне нивните семејства в очи и да ги нарече лажговци, изјави конгресменот Мајк Левин од Калифорнија.

13 август 2026 - 08:37