Индонезија реши прво да ги вакцинира помладите

Пред она македонско „абе ајде, Индонезија“, само потсетување дека е тоа седмата најголема економија во свет по БДП. Значи, нивните здравствени власти решија постарите да ги остават подоцна за вакцинирање. Не се сигурни дека стратегијата ќе им се покаже успешна, ама па и другиве не се сигурни за обратната стратегија.

Во оние земји кои се снабдија со вакцини (ние во моментов сме до овде) стандардната шема е прво да се вакцинираат постарите, како најранлива група во однос на ковид-19, заедно со медицинскиот персонал и луѓето од виталните сервиси.

Индонезија, која подготвува масовна вакцинација на населението со кинеската Синовац Биотек, вели дека во моментов не располага со доволно податоци за ефикасноста на оваа вакцина на постари лица бидејќи клиничките тестирања во земјата биле изведувани главно на старосната група 18-59.

Државата има договор за 126 милиони дози од кинеската вакцина, од кои првите три милиони веќе пристигнале. Подоцна очекуваат пратки и од Фајзер и АстраЗенека.

„Во овој момент никој не може догматски да тврди кој е најисправниот пристап,“ вели Питер Колињон, професор по заразни болести на Австралискиот Национален Универзитет додавајќи дека индонезиската стратегија можеби ќе го забави ширењето на болеста но можеби нема да ја подобри стапката на смртност.

Професор од Сингапур вели дека го разбира резонот на индонезискиот пристап:

„Помладите работоспособни луѓе генерално се многу поактивни, имаат повеќе социјални контакти и повеќе патуваат. Затоа, ваквата стратегија би можела многу побрзо да ја сопре трансмисијата на вирусот отколку вакцинирањето на постарите“, вели  Дејл Фишер, од тамошната Медицинска школа.

12 јануари 2021 - 22:53