Има нешто 30% во државата Данска

Данска планира да го лимитира бројот на не-западни жители во урбаните центри. Во едно маало не ќе може да има повеќе од 30 посто такви. Властите сметаат дека кога ги има повеќе од тоа, почнува гетоизација, односно почнува процесот тие повеќе да ја менуваат Данска отколку што Данска ги менува нив.

За десет години, ни еден резиденцијен кварт во Данска нема да има повеќе од 30 „не- ариевци“ односно жители со не-западно потекло.

Според министерот за просторно планирање Каре Дубвад Бек, тоа е основната намера на новата иницијатива проти паралелните општества што се создаваат во државата. Според предлогот,  вкупно 58 квартови во кои живеат околу 100.000 луѓе ќе бидат подложени на новите, поригорозни услови.

Ова ќе биде амандман на таканаречениот законски „гето пакет“ кој во 2018 го донесе тогаш десничарската влада  и во кој лимитот беше утврден на 50% странци. Мерките звучат панично иако од 5,7 милиони жители, само 11% имаат мигрантско потекло а 6% се „не-западни“.  

Данска има една од најрестриктивните мигрантски политики и уште од 2010 година има воведено категорија гето во која спаѓаат маала каде што невработеноста е поголема од 40, 60% од средовечните немаат завршено средно, домашните приходи се под 55% од националниот просек а стапката на криминал е тројно повисока од државниот просек. За да биде прогласен за гето, еден кварт треба да исполнува барем два од овие критериуми и дополнително, најмалку половина да се имигранти. Доколку во едно гето не се променат параметрите 4 години, тоа се прогласува за „жестоко гето.“

Државата баш и не ја лази мува за принципот дека сите граѓани се еднакви па со разни средства, честопати крајно неконвеционални, се обидува да ги реши овие проблеми. На пример, со двојно поголеми казни ако прекршокот е направен во гето. Во 2019 година, градските власти во Оденсе започнаа да нудат финансиска компензација за локални криминалци ако тие се смилуваат да се отселат од градот.

Како и Франција, Холандија, Австрија и Бугарија, и Данска забранува носење бурки и фереџиња, односно покривање лице од религиозни причини.

22 март 2021 - 12:36