Илјадници имигранти добиле лажни работни визи во Полска

Полска откри криминална мрежа која на масовно „легализирала“ имигранти како странски работници. Шемата со објавување лажни огласи за потреба од сезонски работници им овозможила на најмалку 7.000 странци во Полска да добијат работни визи и престој во Европската Унија. Повеќето имигранти не останале долго во Полска и тргнале кон Германија.

Истрагата покажува дека полските канцеларии примиле над 12.000 барања со лажни информации од имигранти, што послужило како основа за полските конзулати да издадат над 7.000 визи што им даваат право да влезат во Полска и да добијат пристап до целата Европска Унија. Многумина што го добиле овој „златен билет“ подоцна се префрлиле во Германија и поднеле барања за азил. 

Приведени се 11 лица осомничени дека ја спроведувале шемата преку основање друштва со ограничена одговорност преку онлајн порталот S24. На апликациите за работна дозвола тие произволно запишувале адреси на вистински хотели, ресторани и фарми, на кои наводно им се потребни сезонски работници од странство. Пишувале дури и измислени описи на работа и предвидени надници.

Компаниите ниту имале потреба за работници ниту знаеле дека нивните податоци се злоупотребени.

Оваа лажна основа им послужила за да се поднесат 12.455 апликации за работни дозволи. Полските власти одобриле 7.069 работни визи. Според весникот Билд, статистики од Федералната полиција регистрирале 5.569 осомничени само од јануари до октомври оваа година за кои се тврди дека дошле во Германија со лажно добиени визи.

Агњешка Адамска-Оконска, портпаролка на Окружното обвинителство во Бидгошч, изјави дека со нелегални вози на територијата на Полска, а со тоа и на Европската Унија, добиле граѓани на Украина, Русија, Белорусија, Молдавија, Грузија, Киргистан, Србија, Алжир, Ангола, Бангладеш, Буркина Фасо, Демократска Република Конго, Габон, Гана, Индија, Камерун, Казахстан, Конго, Мароко, Нигерија, Сенегал, Египет, Етиопија, Кенија, Непал, Руанда, Брегот на Слоновата Коска, Узбекистан, Филипините и Шри Ланка.

Осомничените шверцери на луѓе се задржани во притвор и ќе бидат обвинети за учество во организирана криминална група и организирање нелегални гранични преминувања, за што може да добијат казна до осум години затвор. 

31 декември 2025 - 08:41