Идеологијата „нето-нула“ оди во минус

На Западот се случува бунт против фамозните „нето-нула емисии“, поттикнат од неодржливите економски трошоци на преамбициозните и агресивно наметнувани таргети. Накратко, луѓето се уморни и од растечките сметки за струја и од хистериите околу климата. Политичките класи стануваат свесни дека се бара преголема жртва денес, за некој далечен и немерлив ќар.

Со укинувањето на амбициозните цели не се отфрла реалната закана од климатскиот проблем, туку се укажува дека не треба да се запостават огромните трошоци од агресивната „зелена“ политика. Нето-нулата ќе чини илјадници милијарди долари, а ќе донесе многу помали придобивки. 

Дури и ако сите богати земји ги спуштат на нула емисиите до средината на векот, климатските модели јасно покажуваат дека тоа би спречило помалку од 0,1°C од проектираното затоплување до крајот на векот. Во исто време, трошоците би збришале помеѓу 8 и 18% од бруто-домашното производство веќе до средината на векот.

Почетниот удар против агресивната климатска агенда беше изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, но најјасното предупредување доаѓа од Британија. Законот за нето-нула емисии донесен во 2019 година, ја обврза земјата до 2050 година речиси целосно да се откаже од горењето фосилни горива. Беше поздравен како „смело водство“, но реалноста го претвори во економско самоубиство. Цената на индустриската електрична енергија се зголеми за 124% помеѓу 2019 и 2024 година – четири пати повеќе во споредба со САД. Британците останаа со највисока цена на струјата во западниот свет од 26,63 пени за киловат-час.

За да ја амортизира политичката штета, премиерот Кир Стармер наводно се подготвува да ги одложи клучните зелени обврски. Реформ УК, која сега води на националните анкети, најави дека кога ќе дојде на власт ќе ги отфрли целите за нето-нула. Институтот Тони Блер, кој воопшто не е скептичен кон климатската политика, сега бара суспендирање на даноците на јаглерод за да се намали цената на струјата до 2030 година, давајќи ѝ приоритет на евтината енергија пред намалувањето на емисиите. Тоа веќе го прават САД и Кина.

Во Австралија, конзервативната Либерална партија го напушти ветувањето за нето нула во 2050 година и наместо тоа ќе даде приоритет на пониските цени на енергијата. Германската десничарска АфД, која сега води на националните анкети, протестира против „елитистичките“ зелени оптоварувања и ветува дека ќе ја запре декарбонизацијата. Новата јапонска премиерка Санае Такаичи дава приоритет на реактивирање на нуклеарните централи пред обновливите извори на енергија.

Дури и ЕУ ги менува законите за животна средина, ублажувајќи ги правилата за одржливо финансирање поради протестите на земјоделците. Брисел ги разлабави климатските цели до 2040 година и, уште поважно, дозволи уште повеќе да ги олесни ако забележи негативно влијание врз економијата на ЕУ.

Филантропот Бил Гејтс пред самитот за климата COP30 повика на стратешка промена и истакна три вистини: Климатските промени се сериозни, но нема да доведат до пропаст на човештвото или до крај на цивилизацијата; температурата не е најдобрата метрика за напредок; а здравјето и просперитетот се нашата најдобра одбрана.

Треба да се фокусираме на она што најмногу ја зголемува благосостојбата на луѓето, истакна Гејтс.

За сиромашните во светот, тоа значи директно справување со гладот, сиромаштијата и болестите, за да живеат подобро и да бидат поотпорни на потопла клима. За богатите земји, тоа значи директно решавање на работните места, образованието, имиграцијата, одбраната и енергијата.

10 февруари 2026 - 13:23