Во јануари во Пентагон, на крајно невообичаена средба зад затворени врати, заменик-секретарот за воена политика Елбриџ Колби му одржал „лекција“ на тогашниот амбасадор на папата Лав XIV во САД.
Колби го толкувал реченица по реченица божиќното обраќање на папата и го оценил како „непријателска порака“ насочена директно кон администрацијата на Трамп. Најжестоко реагирал на изјавата на папата Лав дека „дипломатијата заснована на сила ја заменува дипломатијата што промовира дијалог и бара консензус меѓу сите страни“.
Америка има воена моќ да прави што сака низ светот... За Католичката црква би било подобро да ја заземе страната на САД, му порачал Колби на кардиналот Кристоф Пјер.
Американски функционер ја спомнал и Авињонската папска власт, периодот во 14 век кога француската круна ја искористила својата воена моќ за да доминира над папската власт.
Кардиналот ги сослушал „лекциите“ без да возврати. Реакцијата пристигнала неколку недели подоцна: Светата столица ја откажала на неодредено време планираната посета на папата на САД за да не биде изманипулирана во кампањата на Трамп за изборите за Претставничкиот дом и Сенатот во ноември.
Поканата лично ја испратил потпретседателот Џ.Д. Венс уште лани во мај, само две недели откако Лав XIV беше избран за прв папа од САД.
Администрацијата се обиде на секој можен начин папата да биде во САД во 2026 година, изјави функционер од Ватикан за Фри прес.

Ватикан долго време ја разгледувал поканата и во февруари решил да ја одбие поради несогласувањето со надворешната политика на Белата куќа и напорите за масовно протерување мигранти. Наместо во Вашингтон, првиот американски папа на 4 јули ќе ја посети Лампедуза – италијанскиот остров во Средоземно Море кој е на главната рута на мигрантите од Африка на пат кон Европа. Симболиката не може да е случајна.
Неколку недели по промената на плановите, папата Лав XIV на Велигден ги повика светските лидери да го положат оружјето, да изберат мир и да се откажат од „желбата за доминација над другите“. Претходно ја осуди „империјалистичката окупација на светот“ и предупреди дека Бог ги отфрла молитвите „на оние што водат војна“. Тоа се јасни алузии на војната на Трамп против Иран.
Човек би можел да се запраша зошто влада која очигледно не се колеба да бомбардира земји или да грабнува тирани би се мачела да бара наклонетост од Ватикан. Католичката црква е можеби единствената преостаната глобална институција за која се смета дека го задржала моралниот авторитет. Светата столица, и покрај сите свои несовршености и скандали, останува тело чиј кредибилитет му е потребен на американската суперсила. Тие знаат дека благословот од Лав или барем неговото молчење, би дало морален легитимитет што ниедна моќ не може да го произведе сама по себе, забележува Матија Ферарези во Фри прес.
Католицизмот денес е доминантна сила во американската конзервативна политика. Марко Рубио и голем број високи функционери на Трамп се католици. Потпретседателот Џ.Д. Венс се преобрати во 2019 година. Врховниот суд има католичко супермнозинство. Трамп го освои мнозинството од католичките гласови во 2024 година, па отуѓувањето од папата би можело да има политички последици.
Со приближно 68-77 милиони крстени католици во САД, тие претставуваат еден од најголемите религиозни блокови во земјата и сочинуваат 22-27% од гласачкото тело. На изборите во 2024 година се проценува дека 54% од нив – главно белите католици, го поддржале Доналд Трамп, а за Камала Харис гласале 44%, претежно оние со хиспанско потекло.