И Американците ќе бојкотираат дуќани

Како симболичен протест или од најразлични социјални, политички и идеолошки мотиви, активисти ги повикуваат Американците да се воздржат од купување. Голем бојкот е закажан за денеска a еден пастор астор ги повикува верниците 40 дена да постат со некупување. Експертите велат дека тоа нема долгорочно да ги погоди трговците.

Фото: ЕПА

Здружението Унија на народите на САД повика на 24-часовно „економско помрачување“ како протест против влијанието од милијардерите, големите корпорации и политичките партии врз животите на обичните граѓани. Активистите најавуваат планови за бојкот на одредени компании, како трговските синџири на „Волмарт“ и „Амазон“.

Други активисти, инфлуенсери и поединци најавуваат или веќе организираат бојкоти против компании што ги напуштаат програмите за еднаквост, правичност и инклузивност (ДЕИ).

Унијата на народите САД е формирана од Џон Шварц, инструктор за медитација од Чикаго. Организацијата тврди дека не е поврзана со ниту една политичка партија. На следбениците преку пораки на имејл им се препорачува да се воздржат од какви било купувања, и преку интернет и директно во продавници, а особено од големите маркети и трговски синџири. Апстиненцијата опфаќа и купување брза храна и точење гориво. Во случај на нужда, се препорачува купување во локалните дуќани, но да не се плаќа со кредитна картичка.

Оваа група најавува „општо помрачување“ и на 28 март и организира бојкоти насочени кон специфични цели - маркетите на „Волмарт“ и „Амазон“ и производите на „Нестле“ и „Џенерал милс“.

Пасторот Џамал Брајант од Атланта регистрирал сајт на кој на христијаните им проповеда за време на велигденските пости 40 дена да се воздржат и од купување. 

Експерти забележуваат дека големите трговски синџири ќе го почувствуваат бојкотот како „благо штипкање“ што нема да се одрази врз нивните биланси. Бојкотот може да има ефект во полибералните региони и големите градови.

Професорката по менаџмент Ен Тахман смета дека бојкотот ќе се одрази во дневниот промет, но не е одржлив на подолго време.

Ова е можност потрошувачите да покажат дека еден ден може да им се слушне гласот. Малку е веројатно дека ќе видиме долгорочен пад на економската активност како последица на овој бојкот, вели професорката.

Истражувања покажуваат дека бојкот може да има ефект врз таргетираната компанија. Продажбата на најпопуларното американско пиво „бад лајт“ се урниса пред две  години по соработката со трансродовиот Дилан Малвени. Продажбата на „Бад лајт“ сè уште се нема  вратено на поранешното ниво.

Во Хрватска, наспроти акциите за бојкотирање на продавници и маркети, потрошувачката во јануари се зголемила за 2,34% во споредба со претходниот месец, а многу повеќе во споредба со јануари 2024 година.

*******
Види и:

Трансџендер инфлуенсерот го издиша Бад Лајт
Дилан испадна дека е лезбејка
Дилан Малвени да се јави во Перу

Револт против разбудениот капитализам

28 февруари 2025 - 11:42