За Кисинџер актуелниот апокалиптичен арсенал што го поседуваат државите низ светот, прави да биде уште понеопходно постоењето на еквилибриум меѓу спротивставените сили, без разлика колку тој е тежок за постигнување.
„По мое мислење еквилибриумот има две компоненти. Еден вид баланс на силите, со прифаќање на легитимноста на некогаш спротивставените вредности. Бидејќи ако веруваш дека крајниот исход на твојот труд мора да биде наметнување на твоите вредности, тогаш мислам дека еквилибриум е невозможен. Па на едно ниво е потребен апсолутен еквилибриум...
На друго ниво е еквилибриумот на однесување, што значи ограничување на практикувањето на сопствените капацитети и моќта во однос на она што е неопходно за севкупниот еквилибриум.
Постигнувањето на ова бара речиси уметничка вештина,“ објаснува Кисинџер.
Неговиот страв е дека светот денес е на раб од опасен „дисеквилибриум“, односно на раб од војна со Русија и Кина „околу прашања што ние делумно ги креиравме, без никаков концепт како ова ќе заврши и до што ќе доведе.“
За Тајван Кисинџер се плаши дека САД и Кина се движат кон криза и предлага смиреност од страна на Вашингтон.
Надоврзувајќи се на претходните ставови што ги имаше околу кризата во Украина, која според него делумно е предизвикана од невнимателните политики на САД и НАТО, Кисинџер изјавува дека не гледа друг избор освен сериозно да се сфатат безбедносните грижи изјавени од Путин.
„Мислев дека Полска - како и сите традиционални западни држави кои биле дел од западната историја - се логични членови на НАТО,“ изјавува Кисинџер.
Меѓутоа според него Украина, е збир на територии кои некогаш биле прилепени за Русија, кои Русите ги сметаат за свои, иако „некои Украинци“ не ги гледаат така. За Кисинџер многу повеќе од корист за стабилноста би било ако Украина функционира како бафер меѓу Русија и Западот.
„Јас без за целосна независност на Украина, меѓутоа сметам дека нејзина најдобра улога е нешто како Финска,“ порачува Кисинџер.
Во сегашната ситуација каква што е, Кисинџер смета дека Украина „на еден или друг начин, формално или не, по завршувањето на војната мора да биде третирана како член на НАТО.“
Што се однесува на војната неговата процена е дека ќе заврши со спогодба во која Русија го задржува тоа што го освои во 2014, меѓутоа не е сигурен каков договор би се постигнал што би го гарантирал ова и како тој би се разликувал од договорот од пред 8 години кој не го спречи денешниот конфликт.