Good guy Toyota

На Тојота и е смачено од донирање пари по најразлични основи, па кога се контактирани за донација од страна на Фуд Банк од Њујорк, тие решаваат да понудат нешто уште подобро.

Наместо чек, Тојота на Фуд Банк им нуди "каизен," пракса што на јапонски значи "постојано усовршување" која е клучна состојка во успехот на компанијата.

За Фуд Банк ова значеше дека наместо пари од Тојота ќе добие на располагање врвни инженери чија задача беше долгорочно да ја подобрат работата на хуманитарната организација.

Ваквиот потег ги имаше следните резултатите:

- Во народна кујна во Харлем, инженерите на Тојота го намалиле чекањето за оброк од 90 на 18 минути.
- Во слична кујна на Статен Ајланд, тие го намалиле времето за кое луѓето ги полнеле торбите од 11 на 6 минути.
- Во магацин во Бруклин, во кој волонтери пакувале кутии со помош за жртвите од ураганот Сенди, времето на пакување било намалено од 3 минути на 11 секунди.

Кога во 2011-та Тојота одлучила својот чек за донации да го замени со позајмување инженери, самите луѓе од Фуд Банк не биле воодушевени од идејата.

"Тие прават коли; јас имам кујна. Ова нема да функционира," го раскажува својот прв впечаток директорот за дистрибуција на Фуд Банк, Дарил Фориест.

Кога Тојота инсистирала дека ова ќе успее, тие му рекле на Фориест да им даде проблем, па ќе го решаваат. Неговата задача била: луѓето премногу долго чекаат во редица за да јадат, скратете го ова.

"Инженерите на Тојота се фатиле за работа. Мензата во која може да седат 50 луѓе, обично отвора за јадење во 16:00 и кога сите столчиња ќе бидат пополнети, надвор почнува да се прави редица. Г-дин Фориест потоа ќе чекаше да се ослободи доволно место за да прими 10 нови луѓе. Просечното време на чекање можеше да биде и час и половина.

Тојота направи три промени. Го елиминираа системот за пуштање на групи од 10 луѓе, и наместо тоа дозволуваа влегување еден по еден, како што се ослободуваа столици. Следно, внатре беше направено место за чекање, на кое луѓето се редеа поблиску до местото од каде ги подигаа послужавниците со храна. Последно, еден вработен беше назначен само на наоѓање слободни места за истите да бидат пополнети што е можно побрзо. Просечното време на чекање беше намалено на 18 минути," пишува новинарот на Њујорк Тајмс.

Во Статен Ајланд инженерите на Тојота го забрзале процесот на полнење на торбите со намирници, со тоа што ги реорганизирале полиците, секоја група јасно ја обележале со различна боја и на крај времето го намалиле за речиси половина.

Во магацинот на Фуд Банк во кој што се полнеле кутии за помош на жртвите од Сенди, инженерите на Тојота прво некое време ја следеле целата работа на волонтерите. Забележале дека тие талкаат по магацинот и постојано претураат по кутии за да најдат тоа што им треба. Инженерите решиле да направат линија за пакување, на која волонтерите само ги полнат кутиите додека тие се движат по лентата. Просечното време за полнење се намалило од 3 минути на 11 секунди. Сепак од Тојота тука уште не биле задоволни од големината на кутите што се употребуваат, бидејќи тие не биле целосно искористени, а празниот простор непотребно зафаќал место во камионите. Решението било во кутии со нови димензии.

Следен проект во соработката е магацин од 8.300 метри квадратни, во кој ќе треба да се оптимизира просторот и да создадат подобри рути за испорака.

 

1 август 2013 - 10:38