Големите банки од Волстрит му помагале на Епстин во трговијата со луѓе

Три од најголемите банки во светот - JPMorgan Chase, Deutsche Bank и Bank of America не ги пријавиле како сомнителни исплатите на Џефри Епстин кон жени во Источна Европа, иако знаеле дека тој е обвинет за трговија со луѓе. Ги пријавиле трансакциите дури откако Епстин беше пронајден мртов, тврди сенатор во извештај по повеќегодишна истрага.

Сенаторот Вајден, водечкиот демократ во Комитетот за финансии на Сенатот, наведува дека трите банки биле обврзани навремено да ги пријават сомнителни финансиски трансакции на Епстин. Побара построги правила за спречување перење пари, поголем надзор над богатите клиенти и нови казни за банкарите што ги игнорираат предупредувачките сигнали.

Неговата истрага се потпирала на документи што не се јавно достапни, а се во посед на Министерството за финансии. Вајден се жали дека министерот за финансии Скот Бесент во три наврати ги одбил барањата од комитетот за информации поврзани со извештаите за сомнителни активности. Републиканците во Сенатот ја блокирале предложената законската регулатива која би го обврзало Министерството да ја предаде бараната документација.

Според федералниот закон, банките се должни да го известат одделот за финансиски криминал при Министерството за финансии во рок од 60 дена од откривањето сомнителни трансакции со карактеристики на перење пари или финансиски криминал. Секоја од трите банки на крајот поднела извештај, но ретроактивно, откако осудениот финансиер  во јули 2019 година беше уапсен под федерални обвиненија за трговија со луѓе за сексуална експлоатација.

Епстин бил клиент на JPMorgan Chase од 1998 година и преку неа извршил приближно 5.000 сомнителни трансфери во вкупна вредност од 1,1 милијарда долари. Банката ја прекинала соработката во 2013 година, пет години по неговата првична осуда за сексуална злоупотреба на малолетник. Извештајот за сомнителните трансакции до Министерството за финансии го поднела во 2019 година, кога Епстин беше уапсен и беше пронајден мртов во затворската ќелија. 
Извештаите за сомнителни активности поднесени од JPMorgan вклучувале исплати кон жени во Русија, Белорусија и Туркменистан, што се поврзува со неговата мрежа за трговија со луѓе.

Некои службеници уште од 2010 година барале да се прекине соработката со „човечкиот талог“, како што го нарекувале Епстин. Сепак, високите раководители, кои според извештајот се шегувале за неговата склоност кон малолетни девојчиња, ги отфрлиле овие барања и го задржале Епстин како клиент до 2013 година.

Откако JPMorgan престанала да соработува со него, Епстин го префрлил поголемиот дел од парите во Deutsche Bank, каде што извршил уште 1.140 сомнителни трансфери во периодот меѓу 2013 и 2019 година. И Deutsche Bank била свесна за сомнителните трансфери, но не поднела извештаи до Министерството за финансии сè до 2019 година. 

Bank of America, пак, не пријавила исплати од 170 милиони долари од милијардерот Леон Блек за Епстин како надомест за „даночни совети“. Според извештајот, голем дел од тие средства биле наменети за финансирање на мрежата за сексуална експлоатација на Американските Девствени Острови. Иако банката заклучила дека исплатите немале „очигледна економска, деловна или законска цел“, таа не поднела извештај сè до 2020 година.

Банкарите се обврзани да поставуваат прашања, но не го сториле тоа. Кривичните дела на Џефри Епстин се одвивале пред очите на јавноста, се наведува во извештајот.

Сенаторот Вајден во извештајот додава дека во март годинава кажал детали од извештајот во разговор со Шерин Алфонси за програмата „60 минути“ на телевизијата CBS News. Во мај Алфонси била отпуштена, а интервјуто со Вајден не било емитувано.

7 август 2026 - 10:46