Глобалната ковид реакција беше глобална утка

Првиот голем и сеопфатен преглед за глобалната реакција на пандемијата на ковид-19 потврдува многу слабости: Се манипулирало со дефиниции, модели и статистики за да се доведат луѓето во заблуда и да се принудат на мерки наметнати од политичари. Главната поука за во иднина е да се охрабрат различни научни мислења, а не да се цензурираат научниците што скршнуваат од наративот.

Студијата „Лекции од управувањето со пандемијата“ е заеднички труд на 37 коавтори од различни дисциплини од 13 земји во Европа, Северна и Јужна Америка. Го опфаќа целосниот одговор на пандемијата во периодот од 2020 до 2023 година. 

За разлика од претходните проценки, кои тесно се фокусирале на еден или два аспекта, овој преглед интегрира различни перспективи и ги испитува главните политики за ковид-19 што се спроведуваа глобално: од почетните карантини, задолжителното носење маски и други нефармацевтски мерки, сè до програмите за вакцинација.

Голем дел од одговорот на Ковид беше компромитиран од погрешни дефиниции, математички модели без ригорозно тестирање наспроти реални податоци и лесно манипулирана статистика. Тоа се користеше за да се доведе во заблуда и да се заплаши јавноста да прифати непотребни и неефикасни интервенции, додека во голема мера  беа цензурирани обидите да се истакнат загрижености, забележува коавторот Норман Фентон од лондонскиот Универзитет Квин Мери.

Главната препорака е моделите да се користат како помошна алатка, а не како замена на емпириска анализа, да се третираат со скептицизам и постојано да се преиспитува нивната релевантност со текот на времето.

Во студијата се забележува дека требало да се охрабруваат, а не да се  потиснуваат иницијативите за пренамена на генерички лекови. Лекарите што истражувале ветувачки потенцијал на лекови за друга намена се соочиле со санкции и медиумски потсмев.

Тоа уште повеќе било изразено за вакцините. Биле отфрлени сите критики за безбедноста и ефикасноста на вакцините базирани на гени, и покрај извештаите за несакани реакции. За во иднина се препорачува програмите за имунизација да вклучуваат потемелна евалуација на безбедноста кај релевантните подгрупи.

Конечно, се бара и поголема одговорност од медиумите, социјалните платформи, владините агенции и научните списанија, кои во времето на пандемијата сериозно ја попречувале информативната дискусија за сложените и повеќеслојни проблеми поврзани со ковид-19.

Најдобриот противотров за лошите идеи е да им се спротивставиме со подобри. Цензурата на различни научни мислења не води до подобри туку до полоши заклучоци. Научната слобода треба да се цени. Ако не, цената што ќе ја плати човештвото може да биде многу висока, предупредуваат коавторите на студијата.

5 јуни 2025 - 13:34