
Гислен Максвел ќе се обиде да се спогоди со заменик-главниот обвинител Тод Бланш кога деновиве ќе ја посети во затвор, тврди Алан Дершовиц, професор по право на Харвард кој своевремено го застапуваше Џефри Епстин.
Таа ќе склучи договор. Така се прави тоа. Тие (обвинителите) склучуваат договори со мафијата, па сигурен сум дека ќе се обидат да склучат договор и со неа, изјави Дершовиц за New York Post.
Максвел отслужува казна од 20 години затвор бидејќи му помагала на Епстин во злоупотреба на малолетнички. Никој подобро од неа не знае кои сè луѓе од елитата биле клиенти во синџирот за проституција.
Името на Трамп е спомнато во досието на ФБИ за случајот Епстин и претседателот трпи огромен притисок сите документи да бидат објавени, за да види јавноста кој сè и колку длабоко бил вмешан во синџирот за проституција.
Максвел е повикана преку видео-врска од затворска просторија да сведочи како соработник пред надзорниот комитет на Претставничкиот дом на 11 август.
Џејмс Комер, претседател на комитетот, објасни дека целта на сослушувањето е „да се добијат информации што би можеле да ги подобрат федералните напори за борба против сексуалната експлоатација и трговијата со луѓе“.
Дершовиц смета дека политичката бура се можност за Максвел да издејствува намалување на казната. На претходна жалба на пресудата, нејзините адвокати веќе се повикале на Доналд Трамп, опишувајќи го како „врвен мајстор за склучување договори“.
Таа знае сè. Не само за извршителите, туку и за жртвите. И знае за жртви што станале извршители, вели Дершовиц.
Тој објаснува дека има два начини како Максвел може порано да излезе од затвор. Владата би можела да покрене постапка според Правилото 35, барајќи намалување на казната поради добро поведение и соработка со властите. Тоа мора да биде одобрено од федерален судија. За случајот на Максвел е задолжен окружниот судија Пол Енгелмаер, кој беше назначен од претседателот Барак Обама.
Другата опција е претседателот да ја употреби својата моќ да потпише помилување.
Но, околностите не се толку едноставни, предупредува Едвард Мекдоналд, кој како федерален обвинител убедил мафијаши да сведочат, а како адвокат им обезбедил помали казни.
Таа потенцијално има информации токму за човекот што го држи клучот од вратата на нејзината ќелија. Ако не го ослободи Трамп од обвинувањата, за возврат нема да добие ништо. Ако го ослободи, нема да има поротник што би ѝ поверувал, па затоа вредноста на нејзиното сведоштво ќе биде минимална, вели Мекдоналд.
Максвел веќе беше обвинета по две точки за лажно сведочење поради наводни лаги што ги кажала на владата за време на граѓанска постапка во 2016 година.
Случајот е незгоден и за Трамп, кој нема да има основа да ја помилува Максвел ако нејзиното сведоштво не води кон нови обвиненија.