По вчерашните избори Партијата на слободата треба да добие 37 места во холандскиот парламент, што е значително повеќе од нивниот ривал, левичарската алијанса предводена од поранешниот ЕУ комесар, Франс Тимерманс, која е на второ место со 25 пратеници.
За да стигне до премиерската позиција на Вилдерс ќе му биде неопходна коалиција за да постигне мнозинство од 76 пратеници во парламентот со 150 места.
Вилдерс е и посебно негативно расположен кон ЕУ, и во повеќе наврати порача дека сака да одржи референдум за напуштање на Унијата, „доколку процени дека меѓу народот има расположение за тоа.“
За време на изборите тој малку ја смири својата анти-исламска политика, изјавувајќи дека во моментот има и поважни прашања, па е подготвен за сега да ги замрзне своите политики за забрана на џамии и муслимански школи. Под поважни прашања тој ги наведува: кризата со домување во земјата, инфлацијата и климатската агенда што ја спроведува Хаг.
Од темите што му се поблиски тој предлага враќање на граничните контроли во земјата, приведување и депортирање на нелегални имигранти и повторно воведување дозволи за работници од ЕУ. Иако претходно ја осуди руската инвазија на Украина, Вилдерс порача дека тој не би подржал праќање на дополнителна воена помош на Украина.
Процената е дека победата на Вилдерс главно се должи на масовното незадоволство од претходната влада, која се распадна по неуспехот за постигнување договор околу правилата за азил.
Токму решавањето на проблемите со миграција беше една од главните точки на кампањата на Вилдерс кој вети дека има намера да се соочи со „цунамито на азиланти и имигранти“.
Вилдерс ја основа Партијата на слободата во 2004, поставувајќи ги анти-муслиманските политики како главен столб на партијата. По негови зборови, презирот што го има кон Исламот потекнува од убиството на радикалниот анти-исламски режисер Тео Ван Гог во 2004.