
Дискриминацијата на пациенти врз основа на етничкото потекло денес е многу поретка во Германија, но не исчезнала целосно од здравствените установи. Мерјам Шулер-Оџак, примариус на психијатриската амбуланта во Берлин, ги посочува корените во судирот со другите култури, кои имаат различен праг кога некој признава дека е болен.
Се испречува и проблемот со непознавањето на јазикот: кога пациентот знае само да каже дека „сè“ боли. Згора на тоа, навистина било можно работниците од странство да развијат клиничка депресија во новата, студена и непозната Германија.
Истражување меѓу студенти по медицина во Германија во 2023 година покажа дека тие сè уште учат премалку за можните разлики меѓу културите. Прототип за дијагноза и терапија е главно бел, млад европски маж. Дури и жените често се се наведени во „фуснота“ во дозирањето на лековите, освен ако не се работи за „женски болести“.
Во стручната литература сè уште може да се најдат расистички предрасуди и дискриминации, на пример за врска на мигрантите со ширење сексуално преносливи болести или за склоноста на странците кон алкохол или дрога.
Неспорно е дека во Германија сега е подобро, но дискриминација сè уште постои. Поверојатно е странците да добијат погрешна или недоволна терапија, нивните поплаки за болки не се сфаќаат премногу сериозно и поретко им се препишуваат аналгетици, вели Шулер-Оџак.
Истражување спроведено во 2023 година меѓу 21.000 луѓе со странски потекло покажало дека секој трет побарал мислење од друг лекар или болница бидејќи бил убеден дека првиот лекар не ги сфатил сериозно неговите тегоби. Тоа е поизразено кај жените. Второ мислење побарале дури 39% од црнкињите, 35% од муслиманките и 29% од жените со азиско потекло.
Акциониот план на владата против расизмот од 2017 година покажа дека жените со мигрантско потекло имаат значително поголема инциденца на тешки ментални болести и поголем ризик од самоубиство. Во исто време, помала е веројатноста овие жени воопшто да побараат лекарска помош, поради срам или чувство на вина, смета Шулер-Оџак. Таа додава дека често проблемот е банален бидејќи овие жени не знаат доволно германски за да ги објаснат своите тешкотии.