
За прв пат по доста години, Германија повеќе не е лидер во Европската унија во однос на барањата за азил. Според извештај на Комисијата на ЕУ, до кој дојде Велт ам Зонтаг, бројот на апликации во првиот квартал од оваа година (од 1 јануари до 31 март) е намален дури за 41 отсто во однос на истиот период лани и изнесувал 37.387.
Сега лидер е Франција со 40.871 барања за азил, а после неа е Шпанија, каде што 39.318 лица поднеле барање за заштита. Германија е на третото место.
На другата страна, на дното на листата се Унгарија со само 22 апликации за азил и Словачка со 37.
Според податоците од извештајот, вкупно 210.641 лице поднеле барање за азил во ЕУ, Норвешка и Швајцарија во првите три месеци од оваа година – што е намалување за 19 отсто во споредба со истиот период минатата година.
Најмногу баратели на азил во првиот квартал биле од Венецуела (25.375), потоа од Авганистан (21.524) и Сирија (15.138).
Бројот на барања за азил од Венецуелците е зголемен за 44 проценти но најголем пораст на барањата има од од Украинци (84 отсто), Кинези (+87 отсто) и Индијци (+56 отсто).
Спротивно на тоа, значително помалку луѓе поднеле барање за азил од Сирија (пад од 56 проценти), Колумбија (пад од 45 проценти) и Турција (пад од 44 проценти). Што се однесува до самата Германија, повеќе од половина од сите барања за азил од Сиријци во ЕУ се поднесуваат таму.
За Украинците, дестинација број еден за барање азил е Франција.