Германските центристичко-десничарски партии го заоструваат својот став кон украинските бегалци, што потенцијално отвора дополнителен раскол во владата на канцеларот Олаф Шолц.
Висок функционер на најмалата партија во левиот центар на коалицијата на канцеларот, неолибералната Слободна демократска партија (ФДП), инсистира украинските воени бегалци повеќе да не ги добиваат специјалните бенефиции за невработеност, туку да ја делат судбината на останатите бегалци според постоечкиот закон за бенефиции на баратели на азил.
Ова, очекува генералниот секретар на ФДП, Бијан Џир-Сараи да принуди повеќе Украинци да најдат работа.
Идејата е дека бидејќи Германија и онака има недостиг од работна сила насекаде – во ресторанската и градежната индустрија, на пример - наместо парите на даночните обврзници да одат на невработеност, да се користат луѓето да добијат работа.
И Социјалдемократите на Шолц и Зелените ја отфрлија идејата но таа доби поддршка од опозициските конзервативни Демохристијани (ЦДУ), кои беа коалициски партнери на ФДП во неколку претходни германски влади.
Околу 1,3 милиони луѓе со украинско државјанство живеат во Германија. Повеќето се жени и деца но околу 260.000 од нив се Украинци на возраст меѓу 18 и 60 години.
Министрите за внатрешни работи на ЕУ минатата недела се согласија да го продолжат статусот за специјална заштита на украинските бегалци до 2026 година. Овој статус ги поштедува Украинците да минуваат низ долгите процедури за азил, им овозможува слободно да го изберат местото на живеење и им дава непосредно право на социјални бенефиции, образование и работна дозвола. Украинските бегалци добиваат и пари ако нивниот приход не им е доволен за покривање на трошоците за живот.