
„Судската одлука е скандал“, изјави Марин Ле Пен откако за проневера на европски пари судот ја осуди на 4 години затвор (две условно, две со електронска алка на нога), 100.000 евра и забрана за извршување јавна функција наредните пет години.
Таа најави жалба на одлуката со која се елиминира од наредните избори. На последните анкети водеше а тоа, како што најавуваше, ќе ѝ беше последна кандидатура откако трипати претходно не успеа.
„Невина сум. Не сум деморализирана, само сум скандализирана и огорчена,“ рече Ле Пен која со години успешно водеше чувствителен процес на ребрендирање на партијата (види: Како Марин Ле Пен направи „детокс“ на партијата на татко ѝ).
„Веќе не ми требаше повеќе, сфатив што се случува. Судот беше решен да ме спречи да се кандидирам во 2027-ма,“ кажа таа објаснувајќи зошто ја напушти судницата пред да биде изречена казната.
Ветува дека наспроти ваквиот удар, нема да се повлече од политиката.
Десната рака на Марин ле Пен, младиот Жордeн Бардела, пресудата исто така ја оцени за „демократски скандал“ и повика на „мирна мобилизација“.
„Да им покажеме дека волјата на народот е посилна,“ напиша тој во врска со партиската петиција со која се осудува „диктатурата на судиите.“
Првиот човек на Република Српска чија локација е непозната откако се побара меѓународна потерница за него заради пресудата на судот на БиХ со која е осуден на една година затвор и 6 години забрана за политичко делување, напиша дека тој и Марин Ле Пен се жртви на еден ист механизам.
„Марин Ле Пен е осудена затоа што е закана за системот кој не знае да губи. Како и во мојот случај, пресудата не е донесена заради закон туку заради политика. Таа, исто како и јас, ја плаќа цената за тоа што има поддршка од народот која не можат да ја победат на избори,“ напиша Милорад Додик.