Фотографијата што мораше да се преслика

Мајката бесна и бара сè од почеток да се направи, целата заедница во шок, фотографот обвинет по сите можни основи за дискриминација, а малиот насмеан.

 

Целата збрка е околу фотографија за крајот на училишната година на деца од второ одделение во едно канадско училиште, на која 7-годишниот Мајлс Амбриџ, кој е во количка и страда од спинална мускулна атрофија, е ставен на страна од остатокот од класот.

"Не ми е јасно како фотографот можел да погледне и да помисли дека ова е добра композиција," изјавила за Торонто стар мајката на детето.

Мајката на медиумите им објаснила дека таа одбила да му ја покаже сликата на својот син.

"Гледајте под каков агол е тој. Тој толку сака да биде дел од групата," порачала мајката.

"Се чувствувам уште полошо кога ќе видам колку е тој среќен на сликата. Ова е затоа што тој се уште е невин... тој се уште е наивен за тоа како другите луѓе го третираат," изјавил таткото на детето.

По голем притисок од јавноста, компанијата која ја направи фотографијата се согласи повторно да го фотографира класот, со тоа што овој пат малиот Мајлс е седнат на клупата до остатокот од класот. И покрај повторувањето на фотосесијата, основното училиште одлучило да ја прекине понатамошната соработка со компанијата за фотографирање.

18 јуни 2013 - 19:51