
Во пресрет на самитот на НАТО идната недела, словачкиот премиер Роберт Фицо процени дека на неговата земја можеби ќе ѝ беше подобро да беше неутрална отколку членка на Алијансата.
Фицо ги нафрли овие забелешки пред состанокот со лидерите на политичките партии и претседателот Петер Пелегрини, за да разговараат за предлозите за зголемување на трошоците за одбрана, за да се исполнат целите кон кои се стреми алијансата.
Фицо ги обвини западните лидери дека се воени хушкачи кои со поддршката за Украина овозможуваат профитирање на оние кои произведуваат оружје.
„Неутралноста би била многу корисна за Словачка“, рече Фицо, додавајќи дека „за жал, таквата одлука не е во мои раце“.
Подоцна објави соопштение во кое се вели дека барањата за трошоци за одбрана на НАТО би изнесувале повеќе од 7 милијарди евра или речиси една петтина од буџетот на земјата, што го оцени како „апсолутно апсурдно“.
На самитот на НАТО во Холандија на 24 и 25 јуни, сојузниците треба да се договорат за нов таргет за одбрана по барање на американскиот претседател Доналд Трамп. Целта е да се зголемат трошоците на 3,5% од БДП за основни трошоци за одбрана за тенкови, воени авиони, воздушна одбрана, ракети и вработување дополнителни војници, како и дополнителни 1,5% за патишта, мостови, пристаништа и аеродроми.
Словачка, членка на НАТО од 2004 година, моментално троши 2% од својот БДП.
Ако се усвојат новите таргети, за Македонија тоа би значело дека треба да најдеме дополнителни близу 600 милиони евра за милитаризација.