ФБИ против урбаните терористи што уништуваат Тесли

Нападите врз возилата Тесла низ Америка повеќе не се само изолирани вандалства како израз на гнев кон Илон Маск. Салони изрешетани со куршуми и молотови коктели фрлени врз станици за напојување се сериозни акти со димензија на домашен тероризам. ФБИ состави специјален тим за пресметка со новиот тип урбани терористи. Тревога е прогласена за в сабота, кога е најавен протест против Тесла во 500 градови низ САД.

Федералната полиција формираше специјална единица задолжена да ги запре насилните напади врз возилата Тесла низ САД. ФБИ ги третира инцидентите како „домашен тероризам“, дело за кое може да се добие и казна од 20 години затвор.

Во текот на март биле уништени или оштетени вкупно 48 возила Тесла во девет сојузни држави. Нападите не се само обични вандализирања и гребнатинки. Имало пукања, грабежи, палења, дури и фрлање молотови коктели врз станици за напојување со струја. 

Нападите се сметаат за протест против сопственикот на Тесла, Илон Маск, особено откако стана шеф на одделението за ефикасност и е одговорен за отпуштања на десетици илјади јавни службеници од федералната администрација.

Ова е домашен тероризам. Одговорните ќе бидат гонети, фатени и изведени пред суд, изјави директорот на ФБИ, Каш Пател.

Вандалските чинови за тероризам ги сметаат и јавната обвинителка Пам Бонди, како и Илон Маск.

Во штабот на новиот тим на ФБИ во Сан Антонио, Тексас, ќе има десет специјалци и аналитичари од повеќе агенции, вклучувајќи ги Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви (АТФ) и Министерството за правда.

Досегашната истрага укажува дека вандализирањата не се спонтан израз на незадоволство од Маск. Многу случаи прилегаат еден на друг, поради што се смета дека насилната акција е организирана и координирана. 

Специјални безбедносни мерки се планираат за в сабота, за кога е најавен масовен протест против Тесла на повеќе од 500 локации низ Америка. Агенти ги следат сите најави за организацијата, како и активностите на проанархистичките блогови и канали на социјалните мрежи.

Федералната полиција упати апел до сопствениците на Тесла да бидат внимателни и да ги заштитат подобро своите возила преку ноќ, кога се извршени повеќето напади. Предупредени се и салоните за продажба на возила, како и станиците за напојување со струја.

Забележани се и првите контранапади врз протести против Тесла. Минатата недела на Флорида џип се качил на тротоар и се упатил кон група демонстранти, но не удрил никого.

 

25 март 2025 - 14:56