Уште на минатогодишните европски избори Меркел порача "Нема да има увоз на хлорирани кокошки од САД. Јас со години го спречував овој увоз, и ќе продолжам да го забранува. Тука нема сомнеж." Годинава европските лидери се подготвуваат да изгласаат дополнителни забрани за пилешкото.
Не дека се работи за некаков европски снобизам или дека им вадат муабети на пилињата преку океанот, туку најголемиот број американски фармери навистина ги третираат закланите пилиња со хемикалии, вклучувајќи и хлор, за да ги постигнат потребните граници за салмонела и кампилобактер.
За разлика од САД, во Европа пилињата се деконтаминираат со студен воздух.
Според европските фармери, прво Европа знае дека хлорот е штетен за луѓето и гледа да го забрани, и второ, тој ги убива само површинските бактерии, а не она што е скриено во месото, и заради тоа секоја живина мора да биде темелно обработена. Инаку и тие се согласуваат дека не е докажана директна врска меѓу јадењето хлорирано пилешко и некоја болест.
Дополнително, стравот (а ова важи и за Американците) е дека користењето хлор, е причина за поголемо невнимание при обработката на живината во кланиците, бидејќи работниците се потпираат на тоа дека сите бактерии ќе бидат подоцна уништени, а се дозволува и видливо контаминирана живина да биде оставена во производната линија.
Минатата година САД има извезено пилешко во вредност од 4,7 милијарди долари, во речиси 100 држави низ светот. Годинава проблемот е што освен ЕУ од пред некој ден и Русија го забрани увозот на пилешко од САД (по сосема друга основа).
"Американците ќе мора некаде да го истурат својот производ. Мислам дека нема да мине долго време пред и тука да видиме американско пилешко," изјавил сопственикот на белгиската консултантска компанија за живинарската индустрија, IFT Poultry, Франс Франсен.