
Мнозинството од генерацијата З во Европа (57%) ѝ даваат предност на демократијата пред која било друга форма на владеење. Сепак, стапките на поддршка значително варираа, достигнувајќи само 48% во Полска и 51-52% во Шпанија и Франција, при што во Германија е највисока со 71%.
Повеќе од една петтина од младите низ Европа би прифатиле авторитарна влада „во одредени околности“. И во однос на ова прашање најголема е поддршката во Италија (24%), Франција, Шпанија и Полска (23%), а најмала е во Германија. На една десеттина им е сеедно дали нивната влада е демократска или не.
Демократијата е под притисок, одвнатре и однадвор. Меѓу луѓето кои се политички настроени десно од центарот и се чувствуваат економски обесправени, поддршката за демократијата опаѓа на само еден од тројца, забележува еден од авторите на истражувањето, политикологот Торстен Фаас од Слободниот универзитет во Берлин.
Студијата со поддршка од Фондацијата Туи била спроведена во април и мај кај повеќе од 6.700 луѓе на возраст меѓу 16 и 26 години во Британија, Германија, Франција, Шпанија, Италија, Грција и Полска.
Од оние што се уште веруваат во демократијата, 48% се загрижени дека демократскиот систем во нивната земја е загрозен. Стравот е најизразен во Германија (61%) каде што економијата - најголемата во Европа - е во криза. Успехот на десничарската Алтернатива за Германија, која сега е најпопуларната партија во земјата, е благодарение на зголемената поддршка од младите гласачи.
Довербата во демократскиот процес еродира и поради враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, глобалниот подем на Кина и руската инвазија врз Украина. Тие настани ја префрлија моќта подалеку од Европа. Само 42% од испитаниците сметаат дека Европската Унија е меѓу трите најголеми светски сили. Пред неа се САД (83%), Кина (75%) и Русија (57%).
Мнозинството, сепак, верува во потенцијалот на Европската Унија. Две третини се против раздружување на нивната земја од ЕУ, како што направи Британија.
Но, 53% се убедени дека Унијата е премногу фокусирана на детали и тривијални прашања, потиснувајќи ги суштинските теми, како зголемената цена на живеењето, зајакнувањето на одбраната од надворешни закони и создавањето подобри услови за развој на бизнисите. Две третини даваат приоритет на економскиот развој, во однос на климатските проекти, на кои упорно инсистираат Брисел и европските влади.
Најголема потреба за темелни промени во политичкиот систем изразиле Грците, кои се и најскептични за иднината на ЕУ.
Европскиот проект, кој со децении донесе мир, слобода на движење и економски прогрес, сега се смета за тромав, заклучува Елке Хлавачек, претседателката на Фондацијата Туи.