Европa се колеба за климатските цели

Данска го откажа состанокот за изгласувањето на климатските цели на Европската комисија за 2035 и 2040 година, што е јасен сигнал за несогласување и отпор меѓу членките. За одложувањето на состанокот притиснало „блокирачкото малцинство“ вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија и Полска, кои инсистирале да не се гласа сè додека не се изјаснат националните лидери.

Вкупно 11 од 27 членки на ЕУ побарале повеќе време за произнесување за климатските цели, кои на самитот во јули веќе беа омекнати. Новиот предлог на Комисијата е намалување на емисиите од стакленички гасови за 90% до 2040 година, во споредба со нивото од 1990 година.

Словачка, Унгарија и други членки се жалеа дека и оваа цел може да значи „смртна казна“ за нивната индустрија и економија.

Во јули беше прифатен и системот на користење „јаглеродни кредити“ за да се намали притисокот врз индустриите. Тоа значи дека членка на ЕУ може да ги плати своите емисии на стакленички гасови со инвестиции во зелени технологии во трети земји.

Нашата амбиција секогаш беше да се постигне договор за целите на ЕУ за 2040 година што е можно побрзо. Никогаш не го криев фактот дека таа задача е тешка и политички комплицирана. Гледам дека значителен број членки имаат желба шефовите на влади да се произнесат за прашањето пред да се заклучат преговорите за целите за 2040 година, изјави данскиот министер за климатски прашања Ларс Агард. 

Германија објавила дека е спремна за дискусии на состанокот, но инсистирала гласањето на ниво на министри да се одложи за подоцна. Франција, пак, инсистира дека одлуката треба да биде донесена на највисоко ниво - на лидерски самит, а не на министерскиот состанок.

Со одложувањето на гласањето пропаѓа планот ЕУ да го претстави својот климатски план пред Генералното собрание на Обединетите нации, со цел да се претстави Европа како водечка сила во глобалната борба против климатските промени. 

******

Види и: Новиот климатски план на ЕУ е општо лудило

13 септември 2025 - 11:57