Европа бара јунак што ќе седне на маса со Путин

Макрон и Мелони вршат притисок врз ЕУ да назначи специјален преговарач што ќе ги застапува колективните интереси во преговорите со Русија. Турбо-дипломатијата на Трамп и приближувањето кон Москва не само што ја изолира Европа од мировниот процес за Украина, туку и ја остави без глас во поширокото преуредување на односите на сопствениот континент.

Францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџија Мелони ги здружија силите и повикаа на отворање дипломатски канали кон рускиот лидер Владимир Путин и неговиот најблизок круг. Тие наводно обезбедиле начелна поддршка од Европската комисија за издвојување на специјален преговарач со Москва.

Извори на Политико тврдат дека ЕУ, ако добие преговарачко место на масата, може да ги одбрани своите црвени линии за Украина, дури и опцијата за нејзино идно членство во НАТО.

Со оглед на билатералните разговори меѓу Американците и Русите, Макрон е убеден дека е важно Европа барем да добие улога во дискусијата. Мелони го поддржа тоа. Тие не се наивни што може да се постигне, но има разлика помеѓу неангажирање и ангажирање, изјавил дипломат во Париз.

ЕУ не би била ЕУ ако нема несогласувања за оваа иницијатива. Сè уште не се разработени клучните аспекти на овластувањата, на пример дали дипломатот ќе ја претставува само ЕУ или целата „коалиција на добронамерните“, вклучувајќи ја и Британија. Истото важи и за дипломатскиот ранг и за дилемата дали формално да се назначи бирократ или неформално да се делегира актуелен национален лидер.

Брисел мора да биде поагресивен ако сака да биде вклучен во разговорите. Јасно е дека Трамп ќе го продолжи дијалогот со Путин и директно и преку претставникот Стив Виткоф. Мора да имате сопствена комуникација. Не станува збор за тоа да бидете во иста просторија со Американците и Русите, туку да имате каква било комуникација, советува Курт Волкер, кој беше специјален претставник на САД за Украина во првиот мандат на Трамп и амбасадор во НАТО во времето на Џорџ Буш.

Проблем е и изборот на преговарач. Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи Каја Калас постојано се позиционира како единствен кандидат за каква било улога во преговорите за иднината на Украина. Поранешната естонска премиерка е цврст сојузник на Киев и ја искористи својата позиција за да ги убеди членките да ги заострат санкциите за Москва. 

Италијанскиот министер Џованбатиста Фацолари, влијателен сојузник на Мелони, го предлага поранешниот премиер Марио Драги. Финскиот претседател Александар Стуб често самиот се наметнува како потенцијален претставник на Европа во разговорите со Москва и со Вашингтон, зашто се спријателил со Трамп додека играле голф.

Ако Европа има свој специјален пратеник, кого ќе претставува? На кого ќе му дава извештај? Ако тоа е претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен, која ги маргинализира Каја Калас и дипломатскиот кор на ЕУ, остануваат дипломати од Службата за активности, но тоа е на толку ниско ниво за директни разговори со Путин па нема да функционира, забележува Волкер.

14 јануари 2026 - 09:45