ЕУ петолетка за војна со Русија

Брисел предлага нова одбранбена стратегија што би требало до 2030 година да ја направи Европската Унија спремна за воен судир со Русија. Документот предвидува европските земји повеќе да купуваат оружје заедно, наместо посебно, и да ги фаворизираат домашните индустрии. Нема сигнали дека од Брисел ќе излезе и некаква стратегија за мир со Русија.

„Милитаризираната Русија претставува постојана закана за европската безбедност во догледна иднина“, наведува Европската комисија во Стратегијата за целосна ревизија на военото планирање и набавките.

Амбициозниот петгодишен план на ЕУ за вооружување би требало да почне веќе во следните месеци, со заеднички проекти за беспилотни летала и за противвоздушна одбрана, а да заврши во 2030 година, кога Европа би имала капацитет воено да ѝ се спротивстави на Русија, пишува Блумберг.

До крајот на 2027 година ЕУ треба 40% од набавките за одбрана да ги реализира во заеднички договори, што е двојно повеќе од сегашната стапка. За да се исполни крајниот рок од планот до 2030 година, планот нагласува дека сите проекти, договори и финансирање мора да бидат воспоставени до крајот на 2028 година.

Во документот се забележува дека иако буџетот за колективна одбрана на ЕУ речиси се дуплирал (од 218 милијарди евра во 2021 година на проектирани 392 милијарди евра во 2025 година), трошењето сè уште е во голема мера некоординирано меѓу членките, што ја ограничува способноста на Европа брзо да се вооружува.

ЕУ веќе одобри фонд од 150 милијарди евра за разни проекти за одбрана и вооружување. Планот е до крајниот рок до 2030 година ЕУ да воспостави „ѕид“ за дронови, противвоздушна ракетна одбрана и вселенски штит. Притоа ќе се црпат искуства од војната во Украина.

Од европските земји се бара да ги мапираат индустриските капацитети и да ги идентификуваат тесните грла за набавките на критични суровини. За ова многу ќе се дискутира, бидејќи европските земји традиционално не сакаат да споделуваат со ЕУ информации за производството и набавките на критични материјали.

16 октомври 2025 - 11:31