
Сведоци сме на ерозија на меѓународниот поредок базиран на правила, пишува во новиот Извештај што денеска ќе биде претставен во Брисел.
Како главен виновник за рушењето на поредокот е посочен американскиот претседател Доналд Трамп, поради тоа што ги повлекол учеството на САД од клучни меѓународни тела и агенции на Обединетите нации, како УНХЦР и УНЕСКО, или го прекинал нивното финансирање.
Произволните царини воведени против земјите во светот го поткопаа авторитетот на Светската трговска организација. Европската комисија оценува дека овие институции нема да може да го издржат ударот, што се одразува и врз клучните карактеристики на блокот - внатрешниот пазар, трговските текови, меѓународните партнерства и техничките стандарди, кои се зависни од функционален мултилатерален систем.
Нестабилноста и делумното нефункционирање на меѓународниот поредок и делумното распаѓање на глобалните економии имаат дестабилизирачки ефект врз способноста на ЕУ да дејствува во интерес на својата економија и благосостојбата на своите луѓе, се додава во документот.
Целта на Извештајот е да ги насочи пошироките политики на ЕУ, почнувајќи од трговијата до технологијата и климата. Членките се повикуваат да бидат подготвени за појава на вештачка интелигенција на ниво на човечкото размислување, да ги разгледаат можностите за рударство на критични минерали во вселената и длабокото море, но и за „регулирање на технологиите за намалување на моќта на зрачењето на Сонцето“.
Наместо да се држи до стариот поредок базиран на правила, Европа треба да ги предводи меѓународните напори за реформирање на мултилатерализмот. Блокот, исто така, не треба да се плаши од формирање нови сојузи засновани на заеднички интереси, се препорачува во извештајот за стратегиска предвидливост.