ЕУ ќе прави залихи за преживување

Наведувајќи ранливост од напади и кризи, Брисел планира да создаде големи европски резерви од основни производи и стратегиски материјали за случаи на воен напад, саботажа или природна катастрофа. Ги повикува членките да складираат се, од храна и лекови, па до ретки минерали и алати за поправка кабли. Граѓаните уште во март беа повикани да направат залихи за најмалку три дена.

Европската комисија бара од членките на ЕУ да ги координираат резервите на храна, лекови, нуклеарното и другите горива. Ќе треба да ги ажурираат залихите на критична опрема, како на пример комплети за поправка на кабли „за да се обезбеди брзо закрепнување при прекини на енергијата или оптичките кабли“. Ќе се складираат и стратегиски материјали, како ретки минерали и трајни магнети, кои се клучна суровина за енергетските и одбранбените системи.

Европската Унија се соочува со сè посложен и влошувачки пејзаж на ризици и растечки геополитички тензии, вклучувајќи оружени конфликти, влијанија од климатските промени и хибридни и кибернетски закани, се вели во Стратегијата за складирање, што Комисијата ќе ја претстави идната недела.

Стратегијата е дел од поширокиот напор на ЕУ за зајакнување на безбедноста. Брисел во март објави препорака до домаќинствата да складираат основни залихи што би им овозможиле да преживеат најмалку 72 часа при вонредни ситуации.

Германскиот генерал Карстен Бројер, првиот човек на Бундесверот, пред еден месец предупреди дека Русија во следните четири години би можела да нападне членка на ЕУ. Како закани во документот се посочени и „хактивисти, сајбер криминалци и групи спонзорирани од држави“, како и последиците од климатските промени.

За итен одговор против природни катастрофи Унијата одржува флота од противпожарни авиони и хеликоптери, авион за медицинска евакуација, теренски болници и критични медицински залихи низ 22 земји. Комисијата бара уште повеќе да се подобри координацијата меѓу членките. Ќе се состават и редовно ќе се ажурираат листи со основни залихи прилагодени за секој регион и тип на криза. 

Потребата за инвестиции за критично складирање ќе биде разгледана во предлозите за новиот повеќегодишен буџет, кој треба да биде претставен до крајот на јули.

5 јули 2025 - 13:55